Традиционалната манифестација „ Бела ноќ“ која се одржува трета година по ред ќе трае од 3 до 5 јули. Главниот акцент ќе биде на втората вечер, 4 јули, кога на градскиот плоштад концерт ќе одржат Слаткаристика, Тајзи и Саунд месинџерс.

Традиционално во пресрет на туристичката сезона симболично ќе го означиме почетокот на летото, а со тоа и ќе ги најавиме сите манифестации кои ќе се одржат во текот на сезоната во Охрид со цел да се збогати туристичката понуда на градот. Се надеваме дека тие ќе бидат доволна причина што поголем број гости да го посетат нашиот туристички бисер, вели раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов.

На концертот на 4 јули предвидено беше да настапи и Боби Мојсоски, кој поради обврските кон продукцијата Икс фактор истиот ден треба да настапи во Белград.

За жал она што требаше да биде спектакл вечерта, настапот на Боби Мојсоски нема да се одржи поради професионални обврски. Токму денес доби информација дека мора на истиот ден да има настап во Белград, но неговото презентирање пред охриѓани ќе биде во текот на летната сезона, што значи дека неговиот настап само е пролонгиран, додава Апостолов.

Боби Мојсоски кој беше меѓу најдобрите годинешни финалисти на Икс Фактор се заблагодари на добиената подршка од своите сограѓани.  

Желбата да настапам на 4 јули на градскиот плоштад беше голема, но за жал денес стигна порака за настапот во Белград. Обврзан сум да го почитувам договорот на Икс Фактор, но едвај чекам да се претставам пред моите охриѓани, изјави Мојсоски.

Во рамки на манифестацијата на малиот плоштад кај Долна Порта ќе се изврши и презентација на традиционални занаети и вештини, но како што информира Апостолов годинава  многу помал е интересот на угостителските објекти за учество во манифестацијата.

Не би можел да кажам на што тоа се должи. Имаше угостители кои се огласија на нашиот повик но сметавме дека без една поголема акција не би требало да се спроведуваат такви активности со оглед на тоа дека минатите години имавме од 50 до 70 пријавени угостителски објекти, ресторани, хотели.  Ќе се потрудиме да видиме кои се реалните причини за тоа, рече Апостолов.

На 3-ти и петти јули, угостителските објекти ќе работаат со продолжено работно време, а на четврти јули кога ќе се организира „Белата ноќ“ ќе имаат неограничено работно време.

Т.К.