Министерот за економија Крешник Бектеши денеска оцени дека има повеќе од доволна количина на брашно во државата, а мелниците имаат задоволителна количина залихи за да ги покријат потребите на домашниот пазар.

Сакам да ги уверам граѓаните дека имаме доволна количина брашно во домашните млинови, а цените на основните прехранбени производи во наредниот период ќе се намалуваат како резултат на одлуките кои што го донесе Владата за заштита на граѓаните од ценовни шокови. До крајот на неделата очекуваме целосна стабилизација на пазарот и во зависност од информациите ќе се укине и забраната за извоз која што беше донесена минатата недела. Наш приоритет е да се грижиме за граѓаните и да ги заштитиме од ценовни шокови, кажа министерот Бектеши.

Министерот посочи дека институциите се во постојана комуникација со српските власти за обезбедување на дополнителни количини на пченица.

Што не значи дека не се покриени домашните потреби, туку овие количини се со цел одредени наши компании производители на брашно кои се извозници во регионот, по стабилизација на пазарот да може и да извезуваат и да станат поконкурентни и во време на криза, истакна Бектеши.

Тој информираше и за применување на одлуките на Владата за заштита на населението од профитерство во време на криза.

Во однос на прекршоците минатата недела ДПИ утврди неколку прекршоци во Скопје во неколку поголеми супермаркети кои се казнети. Се работи за седум супермаркети кои согласно прекршоците се казнети со по 7.000 евра за непочитување на одлуките. Имајќи го во предвид извештајот на ДПИ, Министерство за економија прати допис до Инспекторатот да го применуваат и да постапуваат и согласно Законот за потрошувачи каде што е предвидено ако се повторат такви прекршоци инспекторите може да изречат и казна забрана за вршење на дејност и до една година за нечесни практики кои се прават во трговијата посебно кога има одлуки на Владата, кажа Бектеши.

Како што информираше, акцизата за нафтените деривати ќе се менува согласно тековни промените на светските пазари.

OhridNews