Детално разговаравме со сите чинители во енергетскиот сектор во државата и согласно сите анализи и информации кои беа изнесени од страна на енергетските компании и другите институции не е прогласена кризна состојба во нашата држава, рече на денешната прес конференција министерот за економија Крешник Бектеши, по состанокот на Комисијата за електроенергетска кризна состојба на која присуствуваа претставници од најголемиот производител на електрична енергија во земјата, носителот на лиценца за производство на електрчна енергија, носителот на лиценца за пренос на електрична енергија, носителот на лиценца за дистрибуција на електрична енергија, Регулаторната комисија за енергетика, еден експерт од областа и претставници од Министерството за економија.
Сакам да ги уверам сите граѓани дека до крајот на годината нема да има покачување на цената на електричната енергија, имајќи во предвид дека веќе се утврдени цените. Владата веќе презеде и предвремени мерки, како што беше намалувањето на ДДВ-то. За жал, не помина Законот кој беше предложен од страна на Министерството за животна средина во делот на еколошката такса, за да може што повеќе средства да може да се користат во овие енергетски компании, рече Бектеши.
Додаде дека подготвуваат различни мерки, детално за во одредени моменти ако има потреба да се делува да бидат подготвени.
Но, во моментов сметаме дека нема потреба од мерки, согласно информациите што ги имаме. Тие информации говорат дека до крајот на годината ја имаме потребната количина на електрична енергија што можеме да ја испорачаме за домаќинствата и за малите потрошувачи. Цените нема да се зголемат, количините се обезбедени. Подготвени сме како Влада да им помогнеме на ЕСМ и МЕПСО во случај ако има потреба да купуваат електрична енергија од слободниот пазар, рече Бектеши.
Н.С.Ј.