Поранешниот министер за економија Крешник Бектеши против кого СВР Охрид покрена кривична пријава за „попречување на правдата“ реагираше преку објава на „Фејсбук“ во која ја објави и пораката што му ја испратил на полицискиот началник.

Секоја чест. Јаки сте. Срамота треба да ви е да се занимавате со млади луѓе, стои во пораката.

Кривичната пријава против него ја оценува како политичко прогонство и заплашување.

Политичко прогонство, целта на заплашувањето нема да ви помине! На 7 мај, како координатор на Европскиот фронт во Изборната единица 5, од Штабот на Европскиот фронт во Охрид добив информација дека на денот на изборниот молк, претседателот и членовите на Штабот биле контролирани од страна на СВР-Охрид, што е директна интервенција во изборниот процес од страна на СВР-Охрид, наведува Бектеши во објавата.

Според Бектеши, целта за ваквиот потег, како што вели, е одмазда за поразот што граѓаните и го направиле на власта на 8 мај.

Како Крешник Бектеши, секогаш ќе се грижам за граѓаните кои се во постојан обид за заплашување, како што се моите сонародници во Охрид, Ресен, Крушево, Долнен итн. И во тоа, ништо освен Бог не може да ме спречи, вели Бектеши.

Претходно реагираше и Демократската унија за интеграција која ваквите обвинувања против Бектеши ги оквалификува како неосновани.

OhridNews