Владата на седницата која се одржа утринава донесе неколку одлуки со кои се намалуваат царинските давачки од 65, 55 и 45 отсто на 10 отсто за повеќето производи кои спаѓаат во категоријата овошје и зеленчук, освен домати, краставици и пиперки, имајќи во предвид дека ќе им се даде дополнителен рок на нашите производители на овие производи до 1 декември за да го снабдуваат и македонскиот пазар, информира министерот за економија Крешник Бектеши.

Нагласи дека според анализите на Министерството за економија има зголемен извоз на земјоделски производи од нашата земја што се надополнува од увоз од соседните земји, што на крај влијае негативно кај домашните потрошувачи преку повисоки цени.

Заради тоа што сме обврзани за тој недостаток да го покриваме преку увоз, во моментот кога се прави увоз во овој период, за овие производи има царинска давачка од 65 отсто. На пример ако еден земјоделски производ чини 100 денари при увоз, увозната цена, директно станува 165 денари, без никакви маржи да имаат трговците на мало или трговците на големо. Зошто е тоа направено, заради што имаме систематски пропусти и во таа насока треба и Министерството за земјоделство во соработка со нас и со Министерство за финансии да ги усогласиме овие давачки, бидејќи крајната цел е граѓаните да плаќаат пониски цени. Ние тоа можеме да го направиме, во регионот сме конкурентни и секако дека во таа насока и работиме, кажа Бектеши при денешното гостување во емисијата „10 минути“ на Телевизија 24.

Посочи дека е донесена и Одлука да се зголемат дозволените квоти за увоз на јужно овошје во земјава со што, како што кажа, очекува да се намалат цените на овие продукти во текот на годината.

Зголемени се квотите за лимони, портокали, мандарини. Наместо 8.000 тони за јужно овошје, се зголемува за 2.000 тони до крајот на годината и зимоска ќе имаме пониски цени, појасни Бектеши.

Со цел да се почитуваат одлуките на Владата, додаде, инспекторите на Државниот пазарен инспекторат се постојано на терен и нагласи дека изминатите неколку дена се затворени повеќе маркети во Куманово, Тетово, Гостивар и Струга кои не ги почитувале одлуките на Владата и не ги намалиле цените.

Во делот на намалување на цените, согласно дописот на Министерството за економија треба целосно да се почитува и Законот за заштита на потрошувачите. Таму се предвидени одредени работи во делот на неможност на трговците да ги стават во заблуда потрошувачите, да направат измама кон потрошувачите и да наведат ознака гарантирана цена, а при контрола таа цена да не биде намалена, согласно цените кои биле од 1 август, минус 10 отсто од тие цени. Според Законот, глобите се затварање на објектот од три до 30 дена максимум, плус парична казна, согласно процената на инспекторите. Тие ќе одлучат колку е обемот на измамата, рече Бектеши.

Согласно последните одлуки на Владата намалени се царините на 10 отсто на: домат, свеж или разладен, краставици, благи и лути пиперки, кромид, праз, карфиол, брокула, главчеста салата, друга салата, моркови, модар патлиџан, тиквички. Оваа одлука стапува на сила од денот кога ќе бидат објавени во Службен весник и ќе траат до 28 февруари 2024 година.

Исто така, според одлуката на Владата за дополнителни 2.000 тони од сегашните 8.000 тони се зголемени без царинските квоти за агруми, свежи или сушени, портокали, мандарини, клементини, грејпфрут, лимони и лимета. Оваа одлука стапува на сила од денот кога ќе биде објавена во Службен весник и важи до 31 декември 2023 година.

OhridNews