Градскиот театар од Охрид синоќа премиерно ја изведе претставата „Среќни денови“ од Семјуел Бекет, во режија на Градимир Гојер.

Претставата, која инаку се смета за исклучително тешко дело, ја изнесе актерката Јасмина Билаловиќ, а на сцената поддршка и беше актерот Горан Стојаноски. Претставата во која доминира монолог, говори за апсурдноста на животот, претставен преку ивалидитетот како метафора.


Претставата се одигра пред преполно гледалиште на малата сцена во Центарот за култура во Охрид, а меѓу публиката можеа да се забележат познати личности од културата и театарот. Публиката со овации ги награди актерите, а во коментарите покрај комплименти за глумата, можеа да се слушнат и критики околу времетраењето на претставата од безмалку 2 часа.


Театарската претстава „Среќни денови“ која во Македонија се поставува по четврти пат, е копродукциски проект на „Градски театар – Охрид“„Мал драмски театар“ од Битола, „Народно позориште“ од Сараево и Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид.

Охриѓани се надеваат дека Градскиот театар наскоро и професионално ќе заживее, за што во тек е иницијатива на лајонс клубот „Лихнидос“, како  и дека ќе биде воспоставен редовен  репертоар на претстави во кои својот талент ќе може да го покажат дузина актерски професионалци од Охрид кои се уште чекаат да им се даде шанса.



Бекетовото тешко дело „Среќни денови“ премиерно изведено во Охрид

Г. Момироски
фото: Емилио