Србија од полноќ го запре увозот на стока од Хрватска, како дел од контрамерките што Белград ги најави доколку официјален Загреб не го прифати дадениот ултиматум и не ги отвори границите за поминување на товарни возила, кои ненадејно беа затворени поради бегалската криза. Веднаш по овие мерки хрватската полиција престана да пропушта и патнички возила од Србија, јавува „Блиц“.

Министерот за внатрешни работи на Србија Небојша Стефановиќ вечерва изјави дека Хрватска не ги исполнила барањата и дека со економска агресија им нанесува штета на двете земји.

Поради тоа, рече тој, Србија е приморана да воведе контрамерки. „Не сме задоволни со тоа, но тоа се мерки со кои ја штитиме својата држава“. – изјави Стефановиќ. Тој додаде дека владата на Србија е подготвена веднаш да одржи вонредна седница за да ја промени ваквата одлука, доколку Хрватска ја симне забраната за влез на товарни возила од Србија.

OhridNews