Бебето, за кое се верува дека е најмалото што се родило во поновата историја, излезе од болницата во Сингапур, по 13 месеци интензивно лекување.
Девојчето Квек Ју Ксуан тежело само 212 грама – колку едно јаболко, кога се родило лани. Нејзината должина била 24 сантиметри, а се роди на нецели 25 недели од бременоста, додека просекот е 40 недели. Претходна „рекордерка“ беше девојче родено во САД, 2018, кое тежело 245 грама.
Ју Ксуан е родена со царски рез четири месеци порано откако на нејзината мајка ѝ беше дијагностициран опасно висок крвен притисок што може да ги оштети виталните органи на мајката и детето. Ју Ксуан сега тежи 6,3 килограми. По раѓањето, докторите не ѝ даваа голема веројатност да преживее, но девојчето конечно денес е во својот дом.
Таа мина низ различни третмани во болницата во текот на изминатите 13 месеци и преживеа со помош на неколку апарати. Сепак, таа има хронично заболување на белите дробови, поради што ќе ѝ треба помош и дома, но лекарите очекуваат дека нејзината состојба ќе се подобри со текот на времето. За време на лекувањето на девојчето беа собрани околу 230.000 евра.
OhridNews