Британскиот јавен сервис BBC вчера покрена интерна истрага и се извини откако на профилот на неговата новинарка на Twitter во текот на симулацијата на вежба во случај на смрт на кралицата, погрешно била објавена веста за смртта на Кралицата Елизабета Втора, која има 89 години.
„ИТНО: кралицата Елизабета примена во Болницата крал Едвард VII во Лондон. Наскоро следува соопштение: @BBCWorld“, беше објавено во средата наутро на микроблогот на Twitter на новинарката Амен Хаваџа, од сервисот кој објавува вести на урду јазикот.
И додека информацијата набрзо ја преземаа американската телевизиска мрежа CNN и Bild и индискиот Hindustan Times, истата новинарка објавила и друга порака – „Кралицата Елизабета почина“.
Штом се кренала медиумска бука, Каваџа ги отстранила двете пораки, по што напишала „Лажна тревога, ги избришав двете претходни пораки“ и вели дека се сомнева оти нејзиниот телефон е прислушуван. „Го оставив телефонот дома без контрола. Тоа е несолена шега. Се извинувам“, напиша на Twitter по што повторно ја избриша пораката.
Лажната тревога се случила токму во моментот кога британската кралица Елизабета Втора била на годишен систематски преглед. За да ги сопре натамошните шпекулации, портпаролот на Бакингемската палата набрзо издаде соопштение, што инаку не го прави често, истакнувајќи дека станува збор за „рутински преглед“ и дека кралицата веќе ја напуштила болницата.
Додека многу британски медиуми ја преземаа информацијата, BBC појасни дека инцидентот се случил „во рамките на техничкиот тест во врска со објавата на смрт“. „Пораките на Twitter кои говорат за болест на член на кралското семејство по грешка се пратени од профилот на една новинарка на BBC. Пораките набрзо се отстранети и се извинуваме поради непријатностите“, истакна британскиот јавен сервис во соопштението.
Од BBC кој ужива светско реноме, соопштија дека во рамките на „дисциплинската постапка“ се води истрага со којашто ќе се утврдат околностите за објавувањето на лажната информација.
OhridNews
Извор:„Макфакс“