Нема штетно зрачење од базната станица на спортскиот центар тврдат надлежните
Речиси да нема ден, а да нема поплаки од граѓаните велат од општинскиот инспекторат. Оттаму објаснуваат дека граѓаните реагираат загрижени за своето здравје, но причини за тоа нема. Според досегашните мерења, ниту една од поставените базни станици не го надминува максималното ниво на дозволено зрачење од 0,2 миливати.
Од инспекторатот посочуваат дека од 1 јануари 2009 година на сила се нови законски прописи, според кои надлежна за издавање дозвола за поставување базни станици е локалната самоуправа, врз основа на еколошки елаборат кој го одобрува ресорното министерство. Од инспекторатот посочуват дека сопствениците на базните станици ќе треба да ја запазат оваа процедура, а тие кои нема да го направат тоа, ќе бидат отстранети. Исто така ќе се отстранат и базните станици кои го надминуваат дозволеното ниво на зрачење, за што наскоро ќе биде извршено уште едно еколошко мерење.
Во Охрид има околу 70 базни станици
Експертите објаснуваат дека антените од мобилните оператори поставени на зградите и другите објекти зрачат на три страни. Дозволени се вредности од 0,2 миливати врз квадратен сантиметар. Според нив зрачењето не е толку големо во зградата, туку е поизразено врз околните објекти, а единствениот начин да се контролира зрачењето од базните станици е редовно мерење.