Без користење на пестициди и вештачки ѓубрива, охриѓанецот Борис Ѓорѓиоски е еден од ретките кој на сосема природен начин ја одгледува надалеку познатата и највкусна сорта „Охридски патлиџан – јабучар“. И годинава во неговата бавча сместена во дворот на семејната куѓа на ул. „Дејан Војвода“ порасна џиновски домат тежок еден килограм!

Ѓорѓиоски, инаку новинар во пензија, вели дека охридскиот патлиџан го одгледува чисто еколошки со природно ѓубриво, а го штити од штетници прскајќи го со чај од варени коприви.

Автохтоните видови зеленчук и овошје, по кои Македонија некогаш беше позната полека исчезнуваат, а нивното место на трпезите се повеќе го заземаат индустриските произведените земјоделски производи, вели Ѓорѓиоски.

„Најбитно е да се заживее тој охридски јабучар, кој е чист и еколоши здрав, мириса на вистински домат, а се губи во последните години. Успева да опстои и во густо населени подрачја, но и во градски средини. Овој израсна во близина на централното градско подрачје. “- објаснува Ѓорѓиоски.

Комшиите на Борис велат дека е вистинска привилегија што покрај себе го имаат вредниот Борис, посочувајќи дека кога тој ќе пресече „охридски патлиџан“ од својата бавча мириса целата улица.

Затоа, очекувано, џиновскиот охридски јабучар на Борис Ѓорѓиоски ќе заврши во чинија салата и чашка муабет со комшиите.

Г.М.