Несекојдневни перфоманси, пантомима настапи, претстави, музика во живо, улични танчери, ликовни изложби, ќе имаат можност да видат охриѓани и нивните гости во рамки на манифестацијата „Баскерфест“ која по втор пат ќе се одржи во Охрид од 2-ри до 5-ти јули 2015 година.
-И оваа година како и претходната, „Баскерфест“ ќе претставува комплементарен дел од програмата на „Бело лето“ и се надеваме дека со тоа ќе го надополниме целокупниот впечаток што се однесува до симболичниот почеток на летната туристичка сезона. Уверен сум дека со овие активности кои што ги подготвивме за претстојниот викенд ќе бидат доволна причина за охриѓани и сите гости и посетители да дојдат и да уживаат во перформансите и активностите кои се предвидени, изјави Ѓоко Апостолов, раководител на Секторот за туризам и локален економски развој.
Уличните фестивали се значајна културна атракција во многу градови низ светот. Благодарение на „Баскерфест“ во листата се приклучува и Охрид. Уличните уметници годинава своите перформанси ќе ги изведуваат на Градскиот плоштад и плоштад Чинар.
-Сакам да изразам голема благодарност до општина Охрид, која ни излезе во пресрет за организација на фестивалот, кој полека прераснува во една традиција. Годинава во Охрид ќе настапат повеќе од 40 изведувачи, магионичари, кловнови, фајар шоу. На обострано задоволство оваа година ќе имаме можност да уживаме во точките на светски познатиот Крис Бул, чиј перформанс е одење по жица – изјави Горан Трајчески од фестивалот „Баскерфест“.
Како новитет оваа година ќе биде тоа што по завршувањето на настапите, охриѓани и гостите ќе можат да се дружат со артистите во „Пивската градина“ која ќе биде лоцирана во паркот пред Центарот за култура „Григор Прличев“. За забавата во „Пивската градина“ ќе бидат задолжени повеќе бендови од градот и државата.
OhridNews