(Ферем ферман: Текстот е запишан со јазик полн со “македонски” турцизми – атер на господин Бурхан и атер на сите убајни видени од Турците : од признавањето, од првите тони брашно …до последната тура ижекции против пандемичнава “домус-чара”. А, турското си е -башка муабет! )
Пред некој ден , пред авлијана што нè дели, еве ти го комшијана ,саклдисан, саклетосан, афрат сторен и чунки јас сум му кабаетлија, тргнува карши мене и ми вели. Слушај, комши, ферем сум феремосан и саклет ме фаќа од овие ујдурми што ги прави уќуматот наш .А, бре, будали, ми вели, будали ептен и тевеќелии, а, бре, кај им текна баш ко беше лезетот да ме сецнет во меракот, та да ми ја земат од пред очи шеќернана, локумчено, анамчено турско,а,бре, ќерата, ем ти ја дават ем ти ја земаат.Да не можеш раат да си поминиш пред телевизорон…
Што е, бре комши, му велам,што си вака ко шашардисан.За тоа ли се секираш! За тоа , ами за што да се секирам, за државава или за унијава да ти се плукнам и во двете, да ти се плукнам. А,бре, саде турско да се врати, ти велам,ем алва, ем
локум, ем баклава тазе, ем лезет, за мерак и за мераклии ко мене, разбираш. А не ова: ни го понудија излогон од унијана колку да сме го виделе,да сме го лижнеле, ама само до три месеци, демек помалку од јузбир и пак следниот ден назад …И, што ќе видиме таму?! Ти велам, нејќам суратот да му го видам,откога почнаа да се резилат, џоамити демократија, да му се плукнам во тоа, разбираш.Не демократија, туку далавера,заврзлама и ујдурма ми сторија и…и пак овие, моиве, де, атер на унијата и јабаната , ми ја зедоа 1001 ноќ , а штом ми зедоа толку ноќи, разбираш, како да ми ги зедоа и сништата, а за јавето што да правам муабет. Што ќе ми е вакво , да му се изнаплукам и во него (и да платам – ако треба!).Еве им го сосе ова дереџе на кое ме (на)седнаа, со се сиве гајлиња и секирации – нека бараат чаре и иљач за оваа офтика што ми ја кладоа, да би офтиката и саранџата да би…Е, комшија, му велам, јаваш со анатеми, …чунки може да си јанглаш, та сетне ќе ти биде омјазено и да се пишманиш на муабетов!..Море, јок ,бре, кога ти велам, ич не ме пишмани, туку, земај тефтерот, комши, ми вели комшијана, и калемот в раце и запиши и да им го пренесиш овој мој ферман до сите чауши кои животот караорман ми го сторија и од патиштата на животот само јабаната ми ја понудија, да би Димој Јами да фатат и да не се вратат!
Е,комшија, ова што ми ја стопираа глетката во анамките турски е само еден себап појќе да ти се изнакажам, за сите други саклми што ги доживеав овде, крај мојава авлија, во мојава сермија со сите комшии околу мене…Сè нешто јанѕа ме јаде и шубе ми е од сè што се случува. Чунки, дерман се нема,само, аман , немој од муабетов да правиш уриет и камбана да биеш, туку пишувај сега и запамти го, в крпче врзи го, што се вели, и отпосле предај го до уќуматот. Отпосле, аман!
Де, бре комши, пустинава, зарем од мене кодош бидува, да му се сневиди. Пред мене можеш да си лаеш и за султанот и за пашите и за цел инсан и ич исаф да немаш.Чунки така ти е поарно – така прави! Само појаваш, да можам да ги запишам
сите твои саклет-думи во тефтероф, во китапов, што се вели, по турски!
Е, пусто турско, комши! Кажи, а!?Е, браво бре комши, ми вели сетне комшијана, аферим бре и ашколсун што акал носиш , што комшија саглам ќе беше, а не ко оние другиве и од запад и од исток , та и од север и од југ: саде зулуми, саде ујдурми,
саде саклми и секирации,а, бре дерман да се немало, исаф да се немало. Та ова не ти чини, та чурук име си одбрале, та муабетот не ти е на место, та бајракот не ти е саглам, та крстот не е твој, а,бре, ти велам,се зулум до зулум. Ми се чини,
комшија, дека ова европсково, во споредба со турското е како ептентурско,како ептенропско, да му се плукнам во него , да му се плукнам! Ти си акаллија човек, ми вели комшијана, ти си дикатлија,ти знаеш дека нашиве комшии се терсене, нопаци и ич бре не можеш да им угодиш, ич не може да ги кандисаш за арно , за лошо, демек комшии ќе си речеш, ама што – беља над бељата! И саде тоа им е во акалот – беља да ти сторат. Еве, пред некој ден , оној карши истокон,е, де, тој, да ти ги пуштат оние ајванине, та бербат ми го направија и зарзаватот и емишите и бериќетот. Небаре амбар ќе полнам за зимава, та амбар се сторив во душава, да би амбар да се амбаросаат сите до еден. А, бре, сè душмани, сè катиљи, кај се најдоа до мене, кај се најдов и јас до ними, да ти се плукнам во калемот судбински, да ти се плукнам, разбираш! Комшијана наш, комши, ми вели комшијана,ти е на господ бељата. Ем дулија- ем дувлија! Ем учкурлија- ем кусурџија . Ем гол- ем фодуллија! Ама и недајбоже да го имаш за комшија.И недајбоже да имаш троа сермија повеќе од неговата. А, бре опинци ќе искине само да ти напакости, да ти назијани.А, пак, да правиш некој себап, да имаш свадби, крштевки, армаси…А, бре,јок! Нишан да дадеш за синот за некоја ,што се вели, богата, чорбаџиска ќерка, а, бре, ни дома ти иде, ниту аирлија, ниту со касмет да е, ниту да се кердоса.Јок,не!Да е кабил, на нишан ќе те земе и ќе те сургундиса, санким татка му си го отепал, санким џигерот си му го извадил…
Недајбоже,ти велам пак, ми вели комшијана, некој зорт да имаш!? А, бре, суратот ќе му се направи караоџак, ама да ти помогне: јок! Е, да ти гори куќата, ељбете, ќе фрли една кофа со вода и тоа, не откај тебе, туку од кај неговата авлија за да не му се зафати сермијата, демек, сарајот негов, да му се плукнам. Комшијата наш, комши, тој ти е ептен серт и дувлија, а тебе сака да те гледа без опинци , без кондури, без ќесе и без пари…да си без к’смет, да си сиромав , да си саклдисан и феремосан ко сега јас, да си пајдосан од работа, да си … и никаде поарно од него да не си!
А да сака, комшијата , а и како бог што рекол, тој може да ти биде капак за секое тенџере, џам за секое пенџере,перде за секоја камара, каната за тезгере.Може да ти биде и врата и капија и оџак и огниште, ама да сака.Може да ти биде и иљач за секоја болештина,ама да сака и да те сака како човек и како вистински комшија, што се вели, како брат!
Велат комшија, оти во другите земји и во другите вери комшијата ти бил брат, асли-брат. А-ха! И сега си думам комшија, да подизлеземе и ние до јабана ,ама само три-четири дни за да си најме саглам комшии и да си ги ујдисаме овде покрај нас,та да се курдисаме под сонцево и под сенкиве широки ,а,бре, да се куртулиме од овие едепцези, од овие качаци и копуци,од овие голтари и давајгази,од овие дембели и ајљази и на раат да си ја дочекаме тринаесеттата. Сетики, не ќе да е баксузна како претходната . А, комшија што велиш за муабетов?! И, запиша ли нешто?! Ај, отвори го тефтерот да видам!
А, што ми беше муабетот?!
…Е, вака ми прават секогаш,комшиве, комшија, ама и оние мојне од уќуматот, разбираш….тамам ќе ти закажам некој арен муабет ко за анамчено, ко за шеќерчено и ѓумушчено,…а , еве сега акалот ми појде и кај фусунчено…и ти велам, тамам ќе ми дојде убајна, и еве ти ги оние од информативнана ,од јавнана, ќе ме сецнет со пречки во програмата и ќе морам пак да слушам башка муабет за овој чауш, башка за оној, колку ми бил убаво во државава и колку ќе ми било убаво со европскана…Та ќе ни ги прикажат оние посредниците , а бре, арам да им е и зер да им се стори што јадење изедоа овде во домаќинскава наша татковина, а ич не сторија за да и најдат чаре на онаа нивната галеница, оваа одоздола, де… и сè така, да му се плукнам.И не само што се најадоа, а чаре не најдоа, туку и свинска чара ни донесоа, да му се плукнам и низ маска, да му се плукнам! А и да му се изнаплукам, оти пари сум дал што се вели.Арачот ми го земаат од секаде и од малото камарче и од малово џепче. Арач, ама, шуќур – без крв. А што крв ќе ми земат, дилми и тоа е заразно, а башка и крв веќе немам, што се вели чунки бледо се гледам во огледалоно .И некоја јанѕа ме јаде , еднаш да не се опулам и да го видам празно, оти во сè сум испразнет и свртен наопаку,само главава што ми е полна гајлиња и душава со фереми, разбираш…
…Еве, комшија, пак, нели ти реков, тамам ќе почнам убав муабет, и пак …ми бега акалот …Бега, што ќе прави со празен џеб…не ќе оди во јабанана европска ,да му се плукнам. Да му се плукнам и во “безвезниот и безвизен режим”, кога нема со што да излеземе и кој да гарантира за нас вакви какви што сме. Туку, да си седиме кај што сме , оти, што се вели: какви што сме , за никаде сме, та и за овде не сме, ама сполај му Нему, не ќе нè фрла по фира…Барем тој да не нè фиромиса и да не нè феремоса, ко што не фиромисаа белосветскине ,оонине и европскине,арам да им се салтанатите што им ги чиневме…и да му се плукнам! И ич не секирај се комшија, чувам јас уште по педест евра за плукањево.Само не знаеш со овие може после муабетов и секоја буква да ми ја пресметаат во плукање! Пу! Да му се сневиди кај се најдов во ваква географска одредница за да морам со плукање да правам муабет. …А што ми беше муабетот, комшија?!..
…Што ,Нова Година?….Аман, бре, кога помина оваа, да ѝ се плукнам во неа. Е, колку ми тежи, да би на душа да им тежи на оние што ми стежнаа на душава и на државава. Што на кои?! На сите по список! И нека им е таква и таква новата година и на нив белосветските и на европските ! Им посакувам одовде – на сите по список! …Запиша ли комшија? Ако запиша, пуштај !
Е,арно , де комшија , запишав, и еве сум на крај .Ти се изнакажа, се изнаплука, ами јас, сега, кај да плукам, кај да остам. Ти не ме праша мене како ми е?! Туку, ај нека дојде порано Тринаесеттата, па белким ќе се порадуваме ко луѓе, Македонци, што се вели! А дотогаш, комшија, дај ми го тој списокот да придодадам уште некој и да им посакам по нешто во новата 2010 година.
На сите по список!