Директорот за развој на меѓународните проекти на школата од фудбалскиот клуб Барселона, Инаки Гонзало и министерот за странски инвестиции, Горан Мицковски остварија работна средба со градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.
На средбата беше разговарано за можностите што ги нуди Охрид за инвестирање во спортот. Од страна на градоначалникот беше презентирана постоечката спортска инфраструктура како и за идните планови за инвестиции во спортот. Директорот за развој на меѓународни проекти на школата од фудбалскиот клуб Барселона ја искажа заинтересираноста на клубот да ги испита можностите за инвестирање во Охрид, односно за отворање на фудбалска школа, организирање на летен камп и академија.
Специјалниот гостин заедно со претставници на Локалната самоуправа и директорот на ЈП „Билјанини Извори“, Ристе Мишев беа во обиколка на спортските терени во Охрид.
Фудбалскиот клуб Барселона веќе седум години развива вакви проекти на повеќе локации во светот од каде што ги пронаоѓаат потенцијалните играчи за клубот кои поминуваат низ прочуената фудбалска школа Ла Масија.
OhridNews