Време е да се одлучи во врска со прашањето за името е пораката што вчера од Брисел ја упати претседателот на Европската Комисија, Жозе Мануел Баросо по средбата со македонскиот претседател, Ѓорге Иванов.

Како што јавува „Макфакс“, Баросо на средбата со Иванов  повторил дека за отпочнување на пристапни преговори со Македонија, потребно е едногласна одлука на Европскиот Совет. Тој смета дека во последниот период постои подобрување на климата во разговорите меѓу Скопје и Атина и волја кај двете страни за надминување на спорот.

„Јас ја разбирам екстремната чувствителност на ова прашање. Но, ги повикувам сите страни да ја разрешат оваа пречка што е можно побрзо. Време е да се донесе одлука. Сега е време да се одлучи во врска со ова прашање за името“, изјави Баросо.
Иванов со став – Македонија е конструктивен чинител и партнер. Изрази очекување дека Грција ќе се однесува европски во претстојниот период со цел надминување на овој, како што го нарече, билатерален и ирационален спор.

„Овде сум како претседател на држава во која евро-атлантските интеграции се врвен приоритет, со плебисцитарно изјаснување на граѓаните во поддршка на европската иднина на Република Македонија. Затоа, искрено верувам дека препораката што ја дадовте наскоро ќе резултира и со датум за отпочнување на преговорите“, изјави претседателот Иванов.
Баросо од Иванов, исто така, побара задржување на темпото на реформи во претстојниот период.

Претседателот Иванов, кој во Брисел е придружуван од страна на шефот на македонската дипломатија, Антонио Милошоски, утре ќе се сретне со претседателот на Европскиот Совет, Херман Ван Ромпуј.

OhridNews
извор:„Макфакс“