„Барокниот оркестар на Европската унија“ денеска ќе настапи во црквата „Света Софија“ како дел од програмата на годинашниот фестивал „Охридско лето“.
Ова е прва посета на овој реномиран оркестар на Македонија. Членовите на оркестарот се амбасадори на музиката, бидејќи доаѓаат од повеќе земји, а нивното заедничко музицирање претставува симбол на процесот на европското интегрирање и културната различност во Унијата. Се надевам дека еден ден и македонските музичари ќе бидат дел од овој оркестар, вели амбасадорот на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере.
„Барокниот оркестар на ЕУ“ е во посета на Македонија по гостувањето во Загреб, во рамките на нивната балканска турнеја. Во Оркестарот членуваат студенти од цела Европа кои делата ги изведуваат на посебни инструменти карактеристични за периодот на барокот.
„Барокниот оркестар“ на ЕУ
Секоја година „Барокниот оркестар на Европската унија“ поканува по 100 кандидати на аудиција. Избраните студенти годинава доаѓаат од Франција, Полска, Финска, Холандија, Италија, Естонија, Шпанија, Данска, Австрија, Германија, Португалија, Словачка и од Обединетото Кралство. Тие поминаа шест месеци на заеднички настапи низ Европа под диригенска палка на врвни светски барокни експерти. Диригент на Оркестарот на „Охридско лето“ ќе биде Ларс Улрик Мортенсен.
Настапот на „Барокниот оркестар на Европската унија“ во Македонија е во организација на мисијата на Европската унија во Скопје и е поддржан од повеќе амбасади на земјите членки на Унијата.