Фудбалерите на Охрид не успеаја да се изборат за учество во Првата македонска фудбалска лига, претрпувајќи пораз од Ренова, во бараж натпреварот кој се одигра попладнево на тренинг центарот од ФФМ. „Гипсарите“ славеа со 3-2 по изведувањето пенали. Регуларниот дел од мечот заврши 2-2.

„Рибарите“ поведоа со погодокот на Љупче Трпески на стартот од натпреварот. Голманот на Ренова не ја процени најдобро топката и таа заврши во мрежата. На Ренова и требаа петнаесеттина минути да се консолидира и да го изедначи резултатот. Охридската одбрана не реагираше правилно, а „гипсарите“ грешката ја казнија со изедначувачки погодок.

До крајот на првиот дел, Ренова имаше уште една супер прилика но на место беше охридскиот голман Никола Симоновски.

Охриѓани после пет минути игра во вториот дел ја вратија предноста. Стрелец на погодок за 2-1 беше Роберт Митев, кој одлично натрча на прва статива и ја погоди целта.

„Гипсарите“ после примениот погодок го опседнаа голот на охриѓани, кои со добра игра во одбрана ја чуваа предноста. Во периодот до 80-та минута Ренова креираше само една шанса, но охридската одбрана со мала доза на среќа ја расчисти опасноста.

Во 82-та минута Охрид остана со фудбалер помалку, откако Шериф Реџепи заработи втор жолт картон.

Ренова бројчаната предност ја искористи во 89-та минута кога изедначи после грешката на охридскиот голман Симоновски.

Победникот се одлучуваше на пеналите. Мазари реализираше за Охрид, а Симоновски одбрани. Предноста остана иста после втората серија. Ѓорѓиески и фудбалерот на Ренова беа прецизни. Во третата и четвртата Трпески и Наумоски не реализираа, а Ренова ја погоди целта за водство. Во петтата серија Вељаноски промаши и Ренова славеше со 3-2.

Екипите во Првата македонска фудбалска лига ги комплетираше Тиквеш, кој со 1-0 го совлада кратовски Силекс.

OhridNews