На новиот албум на британската рок група „Колдплеј“, кој ќе излезе на 4 декември, ќе се најде и христијанската песна “Amazing grace” во изведба на американскиот претседател Барак Обама. Како што пренесуваат британските медиуми, Обама така ќе се придружи на долгата листа пријатели кои ќе гостуваат на албумот “A head of full of dreams”, меѓу кои се и Бијонсе и Ноел Галагер. Песната “Amazing grace”, која своевремено стана химна на борците против робовладетелството, американскиот претседател ја отпеа минатиот јуни, на погребот на една од жртвите во расистичкиот напад на црквата во Чарлстон кој посебно ги потресе САД.

 

Во интервју за списанието „Сан“, фронтменот Крис Мартин објасни дека го избраа моментот кога претседателот ја пее “Amazing grace” во црква, бидејќи тоа има историско значење. Извор близок до бендот вели дека Обама ги обожава Колдплеј и дека му е драго што ќе биде дел од еден музички и историски настан. Сите во групата се многу возбудени. Морале да добијат одобрение од Обама и црквата во Чарлстон.