Според CNN, Барак Обама досега освои 338 електорски гласови а Џон Меккејн 155 електорски гласови. Така Обама стана првиот Афроамериканец на чело на САД. Откако се изброени 65% од гласовите, стана јасно дека вкупно 51% од избирачите гласале за Барак Обама. Претседателската заклетва Обама ќе ја положи на 20 јануари 2009 година и службено ќе ја преземе својата нова должност како 44-ти претседател на САД. Џон Меккејн и Џорџ Буш веќе му упатија честитки на новиот претседател.
Барак Обама нов претседател на САД (фото AFP)
Сепак, новиот претседател на САД не ќе може да смета на квалификувано мнозинство на демократите во Сенатот. Набрзо откако беше објавено дека Барак Обама стана претседател на САД и дека всушност Републиканската партија после законодавната ја изгуби и извршната власт, до нивните челници стигна веста дека тешката ноќ сепак не заврши со најлошото можно сценарио за нив.
Имено Роџер Викер, републикански сенатор од Мисисипи иако тешко, успеа да го сочува своето место. Со неговата победа на демократите им е ускратено квалификуваното мнозинство од 60 места во Сенатот. На тој начин новиот претседател Обама сепак ќе биде присилен за најважните одлуки и законски предлози да преговара со републиканското малцинство.
Американскиот амбасадор во Република Македонија Филип Рикер изутринава на прославата по повод претседателските избори во САД ја поздрави победата на демократот Барак Обама на американските претседателски избори.
Рикер изјави дека ова е историски ден за САД, но и за светот, бидејќи на сцена доаѓа нова генерација политичари и особено поради тоа што првпат Афроамериканец е избран за претседател на САД.
– Верувам во континуитет на американската надворешна политика, особено во нашите односи со Македонија. Ние имаме силни врски и како што многу пати досега кажав Македонија нема подобар пријател од САД и тоа ќе продолжи, рече во утринската изјава Рикер.
Демократот Барак Обама, 44-ти американски претседател е првиот Афроамериканец, кој доаѓа на челното место во Белата куќа. Со неговиот избор завршува владеењето на републиканците и мандатот на претседателот Џорџ Буш.
Јасминка Т. Момироска