На влезот од една сала за свечености во Тел Авив поставен е автомат во кој учесниците на свадбите ќе можат да ги стават своите кредитни картички и да го внесат износот кој сакаат да им го подарат на младенците.
„Ова е новост во Израел, но и во светот. Многу е практично и ако ја заборават чековната книшка, гостите можат да ги даруваат младенците“, изјавила Аја Алон Кофман од салата во Тел Авив.
Автоматот може да се изнајми за 155 американски долари, а износите кои сватовите им ги уплаќаат на младенците на нивната сметка во банка се префрлаат наредниот ден.
По уплатата банкоматот вади потврда со името на уплаќачот која потоа, заедно со честитката, може да се стави по посебен отвор на автоматот. Така на крајот од свадбата младенците можат да дознаат колку им се „здебелила“ сметката и на кого да му заблагодарат.
Во Израел е вообичаено на венчавките да не се носат подароци во кутии, туку на младенците во коверти им се дава готовина или испишани чекови.