Европската централна банка го претстави новиот изглед на една од најкористените и најчесто фалсификувани банкноти од еврозоната, што воедно беше и причина за промена. „Воведување на новата банкнота, уште посигурна ќе ја направи нашата валута“, порачал Ив Мерш од Европската централна банка. Банкнотата од 50 евра сочинува 45 отсто од сите евра во оптек. Според податоците на централната банка, банкнотата од 50 евра ја има повеќе од оние од по 5, 10 и 20 евра заедно. Од таму објаснија зошто банкнотите пристигнуваат дури идната година.

„Затоа што низ тие девет месеци производителите на опремата, банкарите и останатите ќе имаат време да се навикнат на новата банкнота. Така ќе бидеме сигурни дека на денот на воведувањето ќе биде прифатена и дистрибуирана без значителни проблеми“, изјавил Ив Мерш.

Ова е четврта по ред банкнота која ќе биде издадена во новата серија. Претходно Европската централна банка тоа го направи со банкнотите од 5, 10 и 20 евра.

Кога ќе погледнете низ банкнотата кон извор на светлина, на проѕирниот прозор во горниот дел холограмот го покажува портретот на Европа, лик од грчката митологија, видлив на двете страни на банкнотата. Портретот е видлив и во водениот знак. На лицето на банкнотата се наоѓа „смарагдна бројка“ – сјајна бројка, која, како што се врти банкнотата, таа ја менува бојата од смарагднозелена во темно сина, и на која се гледа светло син ефект, односно светлост која се  поместува горе-долу. Благодарение на тие обележја автентичноста на новата банкнота од 50 евра може лесно да се провери.

OhridNews
извор Макфакс