Банките лани, со каматите на кредитите, буквално, ги испразниле џебовите на граѓаните. Во кризната 2009 година наплатиле  313 милиони евра само од камати, односно за 40 милиони евра повеќе отколку во 2008-та година. Згора на тоа, од надоместоци прибрале дополнителни 63,3 милиони евра, т.е. вкупно 376 милиони евра. Ова го покажува извештајот на Народната банка, за работата на банките во 2009 година.


Податоците на НБМ покажуваат дека поради скокот на каматните стапки и економската криза, граѓаните и фирмите се’ потешко ги плаќаат долговите. Така, според Народната банка, драстично скокнале и ризичните и спорни побарувања на банките, кои до крајот на минатата година изнесуваа 258,6 милиони евра. Ризичните побарувања се за 73 милиони евра повисоки отколку во 2008 година.

Според статистиката, секој вработен лани во банка оставил по 255 евра за камата, односно речиси една просечна плата. Целата сума поделена на секој граѓанин излегува дека сите, дури и бебињата, биле задолжени со 156 евра на жител, односно по 13 евра месечно.

OhridNews