Започна со работа третиот Балкански поетски камп за деца и млади „Ванчо Николески“ , во организација од Здружението за литература и култура „Мацково“ од Охрид. На отворањето се обрати заменик градоначалникот на Охрид, Ристе Николески кој на учесниците  им посака пријатен престој и успешна работа.

 

Учесници на кампот се млади поетски надежи од Македонија, Србија и Албанија како и од  Бугарија, и Босна и Херцеговина – Република Српска. Во одборот на учесниците се  вклучени  културно информативните центри од соседните земји, при што најтесна соработка е воспоставена  со Културно информативниот центар во Софија – заедно со Друштвото на писателите на Бугарија. Дел од овогодинешниот камп се и македонското друштво “Илинден” од Тирана, како и Националниот совет на Македонците од Србија, кои испратија свои претставници.

Организаторите претходно реагираа дека од Министерството за култура одбиле финансиски да ја поддржат манифестацијата. Претседателот Стево Пендаровски испрати послание до учесниците на кампот во кое упати апел до надлежните да не ја откажуваат поддршката на културните манифестации.

Несомнено станува збор за исклучителен настан кој ја афирмира и промовира литературата и придонесува за споделување на соработката меѓу младите од балканските земји, стои во Посланието на Претседателот. Во кое се упатува порака до надлежните институции да не ја откажуваат поддршката на културните манифестации, особено, не оние каде главни актери се младите, а се од меѓународен карактер.

Послание  до учесниците беше  испратено и  од страна на генералниот секретар на Светската акдемија на поезијата при УНЕСКО, д-р Лаура Троиси.

Светската поетска Академија Ви честита за организацијата на кампот кој ги обединува младите поети и писателите за деца од  балканските земји. Им посакуваме на учесниците пријатен престој во Охрид и овој собир да биде пример кој промовира соработка и разбирање помеѓу различни култури афирмирајќи ја литературата. Целта на овој проект е да ја афирмира поетската реч, посебно поезијата за деца од балканските земји“, стои во Посланието потпишано од генералниот секретар на Академијата, Лаура Троиси.

Покрај во  Охрид , одделни манифестации, ќе се одржат уште во Струга, Вевчани, Белчишта, како и во селото Црвена Вода, родното место на писателот за деца и основоположник на македонската литература за деца, Ванчо Николески. Денес попладне од 18 часот, учесниците ќе бидат гости  на Струшките вечери на поезијата, каде ќе бидат во можност да  разменат искуства со своите постари колеги и идоли, присутни на светскиот поетски фестивал во Струга.

 

Веле Митаноски