31. издание на Балканската олимпијада по информатика (БОИ) ќе се одржи во Охрид почнувајќи од утре до 26 септември во организација на Здружението на информатичари на Македонија. Оваа година, на БОИ 2024 ќе учествуваат учесници од 15 земји – Македонија, Србија, Албанија, Грција, Бугарија, Словенија, Молдавија, Романија, Босна и Херцеговина, Кипар, Турција, Црна Гора, Италија, Украина и Саудиска Арабија.
Проф. д-р Миле Јованов, претседател на Здружението на информатичари на Македонија, на денешната презентација на агендата за претстојната олимпијада ја потенцираше долгогодишната посветеност на организацијата за промовирање на постигнувањето исклучителни резултати во областа на информатиката.
Тој ја истакна улогата на БОИ во поттикнувањето на соработката меѓу балканските народи и инспирацијата на млади таленти во областа на технологијата и иновациите.
Горди сме што сме домаќини на 31. Издание на Балканската олимпијада по информатика. БОИ 2024 е натпревар помеѓу новите генерации информатичари, но истовремено е и платформа во чии рамки младите умови се здружуваат, се запознаваат со различни култури, се дружат, се вмрежуваат и разменуваат искуства од сферата на информатиката и иновациите, инспирирајќи се меѓусебно и претставувајќи еден вид стимул едни за други. Со поттикнување на овој дух на соработка и конкуренција, ја негуваме следната генерација лидери во технологијата, што е од витално значење за континуираниот раст и развој на нашето општество, рече Јованов.
Како поддржувач и пријател на Балканската олимпијада по информатика, компанијата “Сорсикс “ (Sorsix), една од водечките ИТ компании во Македонија, додели ваучери за платена пракса за осуммината македонски учесници.
Во своето обраќање, Далибор Фртуник, извршен директор на “Сорсикс“, ја потенцираше важноста на инволвираноста на приватниот сектор, во форма на општествено одговорен граѓанин и еднаков учесник во општеството, во поддршката на ваквите иницијативи кои ги оформуваат идните професионалци во технолошката индустрија.
Веруваме во инвестирање во иднината и токму затоа сметаме дека со поддршка на настани како БОИ 2024, активно придонесуваме во развојот на следната генерација на ИТ таленти. Сметам дека приватниот сектор има клучна улога во создавањето можности за напредување на младите таленти и како компанија која повеќе од 12 години работи и создава ИТ решенија од областа на здравството во Македонија, но и ширум светот, сериозно ја сфаќаме оваа одговорност. Со поддршка и инвестирање во овие брилијантни млади умови, помагаме во обликувањето на иднината на информатичката технологија. Обезбедувањето на едномесечна платена пракса во “Сорсикс“ за македонските учесници е наш начин да го негуваме нивниот потенцијал, а воедно и да го премостиме јазот помеѓу образованието и примената на знаењето во реалниот свет, потенцираше Фртуник.
Инаку, Балканската олимпијада по информатика е натпревар во програмирање за средношколци од регионот на југоисточна Европа. Домаќин на олимпијадата секоја година е различна земја, членка на БОИ иницијативата.
OhridNews