Дијабетски проблеми, гангрени, сите состојби поврзани со нарушена циркулација, аутистични дечиња, акутна глувост и слепило и многу други состојби може да се третираат со методи на хипербарична оксигенација. Станува збор за сите состојби каде зголемена доза на кислород ни дава успех, вели охриѓенцот, Д-р Ристе Балевски, од Хипербаричниот центар во Скопје.

Лекарите, потребно и пожелно е да ги препорачуваат третманите со хипербаричната оксигенација и хипербаричната медицина како специјализација треба да се вметне во тоа мултидисциплинарно третирање на различни состојби. Досега како Центар кој постои веќе 12 години имаме направено можеби над 10 илјади третмани. Процентуално најмногу се третираат последици од дијабетот, дијабетски стопала, рани, потоа аутистични дечиња, секаков вид на спортски повреди, акутна глувост и слепост. Многу помагаат третманите и за различни труења. Ова важи за нашиот Центар, не дека тоа може да се каже и за друга Клиничка хипербарична комора, вели Балевски.

Додава дека слух има кај лекарите, а се борат низ годините овој третман да се стави како безболен начин на третирање и нерадикален начин на лечење.

Третманите многу помагаат. Лекарите точно знаат каде може да помогне и каде треба да се препорача да се користи хипербарична оксигенација и мислам дека со тек на време веќе навлегуваме во конвенционалната медицина и мултидисциплинарниот пристап на третирање на различни состојби. Добро е да се знае, пред се кај лекарите да премине во пракса, да се препорачува повеќе, за да се помогне се во интерес на пациентите и здравјето, потенцира.

Инаку, хипербаричната оксигенација подразбира третман при кој луѓето дишат стопроцентен кислород во хипербарична комора, на повисок притисок од атмосферскиот. Ова овозможува транспортирање на зголемено количество кислород преку крвта и крвната плазма до клетката, кој навлегува во зоните сиромашни со кислород, што е предизвикано од повреди или од хронични проблеми и заболувања, со што се создаваат услови за побрзо и ефикасно закрепнување и враќање во кондиција.

Третманите, вели Балевски, се определуваат во зависнот од состојбата, а се работи според протоколи кои се светски поставени.

Н.С.Ј.