Љубителите на балетската уметност утревечер на сцената на Долни Сарај во рамки на програмата на Охридско лето ќе имаат можност да ја погледнат атрактивната балетска претстава „5 до 12 “ во изведба на Професионалниот балетски ансамбл од Хрватското народно казалиште од Сплит.

Како автор на кореографијата на оваа претставата се потпишува еден од најпознатите македонски кореографи Игор Киров. Автор на музиката е Кирил Џајковски, а за балетските костими се погрижи Александар Ношпал.

На денешната најавна прес конференција Киров истакна дека секогаш сака публиката сама да влезе во неговиот свет и гледачите самите да се пронајдат во тоа што ќе го видат.

-Така ќе биде и овојпат, во ова мое ново апстрактно видување на една нова боја од мојот живот, живот на коцки исполнет со бои прелеани со енергија, раздвижени со музика и изиграни со љубов. Животот е коцка која се врти и превртува, а откако ќе падне самите ние одлучуваме дали ќе го прифатиме исходот или не. Да се живее во време каде што секогаш коцките се фрлаат или паѓаат токму во 5 до 12, понекогаш и во пет после 12, значи дека секогаш треба да сме подготвени на се. Токму така е и овојпат, во овој мој свет на коцки и бои, вели Киров.

Селекторот на музичкиот дел на фестивалот „Охридско лето“, Гордана Јосифова-Неделковска рече дека се работи за атрактивно балетско дело кое ќе привлече големо внимание на публиката, со оглед на позитивните критики по премиерата на претставата во рамки на 61-то издание на Сплитско лето, која се одржа на 7-ми август 2015 година.

– За она што се случуваше во Сплит можам да кажам дека ги прочитав сите рецензии и критики и верувајте дека сите се во суперлатив со блескави зборови ја опишуваат претставата „5 до 12“. Со стоечки овации, со извикување „браво“, сите рецензии кажуваат дека ова е едно исклучително балетско остварување. Длабоко верувам дека така, а можеби и уште поубаво ќе биде и кај нас на прекрасната сцена на Долни Сарај, истакна Јосифова-Неделковска.

Директорот на ХНК од Сплит Динко Богданиќ, рече дека е многу задоволен од професионалната соработката со кореографот Киров.

– Првпат се случува еден македонски кореограф да работи кореографија во Сплит и во Хрватска. Киров го проби мразот со работата која траеше седум недели и се работеше напорно. Моите играчи се класични играчи, но сакав тие да имаат едно фантастично современо движење кое е работено за нив, вели Богданиќ.

Тој изрази надеж дека соработката со Македонија ќе продожи и дека можни се и други заеднички проекти во иднина.

OhridNews