Пријателите Игор Балески, Никола Дуданов и Тони Бојаџи, се новите кумови на Водици 2008 година, одлучи Здружението на граѓани за целосна афирмација на Македонската православна Црква „Богојавление“. Одлуката здружението едногласно ја донесе на синоќешниот состанок, на кој беа утврдени и приоритетите околу организацијата на Водици 2008г.
На состанокот организациониот одбор на Водици беше проширен со уште неколку членови, а како претставник на медиумите во работата на „Богојавление“ ќе учествува новинарот на А1 телевизија и повремен соработник на ohridnews, Нина Кепеска.
„Богојавление“ ги избра новите кумови на Водици
И за наредната година организаторите најавуваат спектакл на градското пристаниште за Водици. Целта е одбележувањето на големиот христијански празник да прерасне во туристичка атракција и во Охрид да се привлечат што поголем број гости од надвор. За Водици членките на ХОТАМ ќе нудат дводневен пансион во Охрид по цени за 70% пониски од регуларните.
Здружението ја истакна заложбата организацијата на Водици да се подигне на уште повисоко ниво од претходните години. Во таа насока беше потврдена одлуката доколку крстот биде нечесно фатен, фаќачот да не биде награден туку подароците од кумовите да бидат ставени на јавна продажба, а средствата да бидат наменети за хуманитарни цели.
Наредната година во осветените води на Охридското Езеро ќе се фрла сребрен крст опкован со злато. Сатницата и другите организациски детали членовите на здружението денеска ќе ги договараат со митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.
Горан Момироски