Дванаесетте избранички на Владимир Ѓоровиќ пристигнаа во Струмица, каде ќе ги одработат последните тренинзи пред почетокот на Европското првенство на 26 јули. Од нашиот стручен штаб, задоволни од досега одработените подготовки.

„Во Струга главно се работеше на онаа физичка подготовка и заедно со селекторот Ѓоровиќ сме генерално задоволни од прикажаното на сите репрезентативки“, вели асистентот на селекторот, Весна Балазоска. „Во Скопје повеќе работевме тактика и во овие неколку дена во Струмица ќе се посветиме главно на шутот, односно на привикнување на тукашните услови. Многу е важно што во екипата има позитивна атмосфера, здравствениот билтен е како што треба и во првите натпревари на Европското првенство ќе влеземе максимално подготвени“, продолжи Балазоска.

Нашиот стручен штаб го дефинираше списокот од 12 кошаркарки кои ќе ги бранат боите на Македонија на овој континентален шампионат. Тоа се: Ива Крстевска, Ивона Пејковска, Александра Стојановска, Нена Трајчевска, Форка Ѓорѓиева, Тања Стојановска, Драгана Јоловиќ, Софија Лазаревска, Ивана Кметовска, Лидија Цветковска, Ангела Давиткова и Јована Петковска.

Првиот меч на Европското првенство, Македонија ќе го одигра против Англија во салата „Парк“, а мечот е закажан за четврток во 20.30 часот. Уште во нашата група се и репрезентациите на Летонија и Белорусија, со кои ќе се сретнеме во сабота и понеделник.

„Морам пред се да кажам дека ми беше навистина чест да ги тренирам сите 24 кошаркарки од првичниот список. Имам само пофалби за сите, кои на секој тренинг го даваа својот максимум и кои сметам дека се добра иднина за македонската женска кошарка. Со селекторот ги одбравме конечните 12 кои сметаме дека моментално се во најдобра форма. Во наредните денови ќе се сконцентрираме на припремање конкретно за првиот противник, така ќе правиме и во продолжението, одиме меч по меч. Нашата група, реално, е најсилна на Првенството, но со позитивната атмосфера која владее во екипата и со поддршката од домашната публика, верувам дека можеме со добри игри да дојдеме до посакувани резултати“, заврши Весна Балазоска.

ohridnews