Во една моја долга животна епизода, живеев во градот на Балканот со најмногу епитети во суперлатив и сметам дека непотребно е да ги повторувам, оти секако текстов нема да е за градот туку за еден лик кој не е епизоден. Неспорно е дека во мал град секој со секого се познава,исто како што е неспорно дека секој на секого поттурнува сандуци и дека озбилно се почитува принципот “брат за брат, сирењето со пари”. Почитуваниот Прличев, во една негова необјавена песна “Охридски џган”, меѓу другите паметни думи, напишал:

“Несреќа! Царува кај сите морална расипаност,
И кај никого не постои ни најмала разлика.
Несреќа! Кај народот огромна неблагодарност…”

Не открив, се уште, како јас се провлекував успешно сите тие години и налетував секогаш на арни луѓе и покрај тоа што сами за себе тврдеа дека се “чурук народ”, веројатно одговорна е мојата селективна меморија, подесена така да памти само позитивни нешта и моето убедување дека и во најлошиот – има нешто добро, твое е да го разбудиш. Кога велам “налетував”, истовремено се заблагорарувам на ксметот, космосот и сите други сили на привлекување и одбивање кои работеле во моја корист.

Дека името и презимето на ликот говорат се за него е повеќе од јасно и намерата не ми е да ви обајснам колку и зошто е тој славен и главен во градот, нема да ги набројувам неговите титули и функции, ниту животните достигнувања и остварувања. Јас би раскажала како овој човек стана дел од мојата охридска епизода и остана до денес … за да му ја раскажам душата , за да му ја изразам благодарноста и почитта што ја заслужува, за да се сложиме сите уште еднаш дека човечката големина е многу повеќе од само успех, углед и моќ, за да се оправдаме пред споменот на Прличев дека се трудиме да бидиме подобри…

Од оваа временска дистанца и од безбројните анализи на луѓе, моменти, прилики и неприлики – имам топ листа на полни погодоци (додуша и промашувања) , а на позитивната листа високо котира моето работно искуство во своевремено најдобриот локал во Охрид – Ирски паб Balaban’s . Ете тука го пиевме заедно утринското кафе, ние обичните студенти келнери и Тој , ние со нашите најразлични проблеми и Тој со неговата добра волја да ни излезе во пресрет за се и секогаш. Ние изгубени во испитните сесии, во љубовните јадови, во финансиските дупки и Тој со инстант решение и сигурна реализација. Ако се бројат камењата што ми паднале од срце, благодарение на Него, авлија би кренала. Кога на моето “Благодарам”, ми вели “За тебе сум тука секогаш” ем сум почестена, ем сум сигурна дека препознал во мене некои вредности, па ми се ројат емоции. Колку емпатија треба за да се залагаш за нечиј проблем безрезервно? Колку широчина треба за никогаш ништо да не побараш за возврат? Колку голема е човечката несебичност-ако знаеш дека помагаш некому кој многу малку е веројатно дека некогаш ќе можи да ти помогни тебе… без калкулации, без задни намери, без контра услуги…? Колку се плаќа за подадена рака кога на ивица си да се нурнеш во провалија од неволји? Одговорот на сите прашања е: колку Неговата емпатија, несебичност, широчина и раката која не се купува.

Да имаш ѕвезда и да осветлуваш, да имаш харизма и да освојуваш, да имаш срце и да си човек за човека, да имаш убав збор и добра мисла, е многу повеќе отколку да бидиш само звучно име и презиме.
Животот ретко части привилегии, ако сме почастени треба да цениме и да почитуваме. Мојата привилегија да ти бидам миленичка е моја чест, на твоето “Маре душо, дојди да ме гушниш еднаш”, со прегратката ти оставам парче душа … оти нит’ јас имам, нит’ тебе ти треба друго, легендо…

Марика

*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите