Во Македонија во последните 30 дена е регистрирана појава на седум случаи кај кои лабораториски е потврдено присуство на бактеријата Листерија од кои три завршиле со смртен исход.

Пет од пријавените случаи се со дијагноза листериозен менингитис или менинго енцефалитис, а две новородени деца се со дијагноза листериозна сепса. Како што информира Министерството за здравство, еден од починатите е на возраст од 72 години, вториот случај на 59 години и едно новородено дете.

Листериозата е бактериско заболување, кое најчесто настанува по внесување на храна контаминирана со бактеријата листерија, како што е месо, преработки од месо, непастеризирано млеко и млечни производи, недоволно измиено овошје и зеленчук, димена риба и друго. Кај здрави лица со подобар имунитет, заболувањето поминува со полесна клиничка слика, со стомачни проблеми, дијареа или симптоми слични на грип.

Листеријата се уништува со добра термичка обработка, со печена и варена храна (над 70 степени целзиусови). Најчесто се регистрира меѓу постари лица со намален имунитет, бремени жени и новородени деца. Кај нив може да предизвика сериозни компликации, како сепса, воспаление на мозочни обвивки , воспаление на срцева обвивка , воспаление на зглобови и сл.

По добиените информации од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) Комисијата за заразни болести во присуство на министерот за здравство, Никола Тодоров, вчера во доцните попладневни часови одржа состанок, кој е трет по ред во изминатите 4 дена со цел разгледување на состојбата и донесување предлог мерки.

Од Комисијата и препорачуваат на популација дека е потребно поголемо внимание при подготовка и консумација на храна, бидејќи летото е период кога почесто се јавуваат заразни болести, кои се пренесуваат преку храна. Затоа, велат, неопходно е темелно миење на рацете пред подготовка и пред консумација на храна и почесто миење на рацете за време на подготовка на храната.  Се препорачува храната да се користи веднаш по подготвувањето, а доколку не се употреби веднаш, да се чува на температура од 2 до 8 степени Целзиусови (во фрижидер), и при повторна употреба да се загрее на температура над 70 степени Целзиусови.

Во летен период се препорачува избегнување на лесно расиплива храна, како што се мајонези, кремови, сладолед од свежи и термички необработени јајца, како и да се консумира безбедна вода за пиење, а доколку не сме сигурни за нејзиниот квалитет, пред употреба задолжително да се преврие.

Според податоци од ИЈЗ, во текот на 2013 година бактеријата е изолирана кај три мостри од храна, но нема пријавено заболени лица. Во 2014 година (до јуни) уште во три мостри од храна е изолирана оваа бактерија, при што само во последниот месец се пријавени седум случаи на лица заболени со листериоза.

OhridNews

Извор: МИА