Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески во придружба на претставници од   стручните служби  на општината  утрово беше на неколку локации во градов  и неговата околина  и  направи увид  на динамиката на започнатите градежни активности.

– Наша цел беше заедно со надзорните  и  стручни  служби и со изведувачите  да направиме увид на таа динамика. Да видиме каков е интензитетот на одвивање на работите. Секако доколку стручните служби утврдат дека интензитетот односно   динамиката на работа не задоволува, односно може да дојде  до евентуално  пробивање на роковите пред летната сезона, да се направи една координација  со изведувачите   со цел  да се забрзаат работите,   да се отстранат пречките кои довеле до тоа  и да се реализираат работите онака како што било договорено, рече градоначалникот Бакрачески.    

Обиколката на градоначалникот започна од  Пештани   каде во тек се активностите за  партерно уредување на пешачката патека од  десната  страна  од „Рибниот ресторан“ кон Охрид во должина од 180 метри.   Предвидено е патеката  да добие  соодветно јавно осветлување а вкупната вредност на проектот е  1 660. 000 денари.

По Пештани градоначалникот беше на увид на просторот од каналот Студенчишта  до некогашниот хотел „Парк“ каде се работи на  реконструкција на пешачката патека по што Охрид ќе добие модерна променада со пешачка зона, патека за ролери и велосипеди. Просторот партерно и хорикултурно ќе биде уреден . Завршено  е  тампонирањето во должина од 210 метри. Поставени се ивичници во должина од 100 м од вкупно 420 метри. Во наредниов период  ќе следи асфалтирање  на патеката  на левата и десната страна во ширина од 1,65 метри.

Градоначалникот направи увид  и на  динамиката на одвивање на градежните активности на улица „Питу Гули“ која ќе биде асфалтирана а  ќе бидат уредени  и  тротоарите од двете страни на коловозните ленти. Се врши подготовка на подлогата за поставување на тампонски материјал, по што ќе следи  поставување на нови бехатонски плочки на тротоарскиот дел од улицата.  Влезовите кон околните куќи веќе се дефинирани со што првата фаза од реконструкцијата привршува. Проценетата вредност на проектот е 15. 631. 750 денари.

Во рамки на својата обиколка градоначалникот Бакрачески  беше и на пресекот  на улиците „Туристичка“ и „Бистрица“. На оваа локација  деновиве  интензивно  се работи   на  поставување на мрежа за одведување на атмосферската вода на кружниот тек. Се поставува  систем од цевки , сливници и шахти кои атмосферската вода ќе ја собираат и одведуваат во мрежата за одведување на атмосферски води. Вредноста на проектот е: 5. 908. 441 денари.

Обиколката на градоначалникот Бакрачески денес беше заокружена  со  увид на динамиката на градежните активности  во населбата Воска – Даљан каде се работи на поставување нова атмосферска канализација  на површина  од 1 025 метри. Станува збор за  проект  поддржан од Светска Банка  во вредност од 8. 257. 180 денари. Активностите за поставување на атмосферската  канализација  во Воска – Даљан започнаа  на  улица „Сатеска“.

Според планираното,  градежни активности на локациите кои денес ги посети градоначалникот Бакрачески ќе бидат завршени  пред почетокот на летната туристичка сезона.

OhridNews