Градоначалникот Никола Бакрачески со своите соработници, денеска ги посети поплавените објекти по неодамнешните интензивни врнежи од дожд, на улиците „ Стив Наумов“ , „ Аџи Мустафа“ во населбата Лескајца и „ Сатеска“ во населбата Далјан.

– Екипите на нашите јавни претпријатија, за време на интензивните врнежи од дожд и снег веднаш интервенираа на терен и како што најавивме, од тогаш до денес сме во постојана комуникација со жителите од критичните места. Ние денеска правиме обиколка, потоа ќе следи проценка на направените штети и помош од страна на општина Охрид со финансиски средства или материјали за санирање на последиците од поплавите.Ние и во иднина ќе бидеме со нашите граѓани кои ќе се најдат во ваква ситуација. Од самиот почеток,  Локалната самоуправа ,заедно со јавните   претпријатија, будно ги следи состојбите и целосно сме подготвени да се справиме со евентуални нови поплави-  рече градоначалникот Никола Бакрачески.

При обиколката, граѓаните од поплавените објекти изразија благодарност до локалната самоуправа.

– Имаше околу триесетина сантиметри вода, но  благодарение на пумпата  што ја добивме  од кризниот штаб на барање на градоначалникот , веднаш почнавме со испумпување на надојдената вода и не дозволивме да дојде до поголеми оштетувања. Кога беше најинтензивно надоаѓањето на водата не посети градоначалникот Бакрачески со кого поразговаравме за тоа што ќе правиме доколку продолжи дождливото време, но за среќа дождовите престанаа, водата е испумпана и сега се сушат поплавените површини во дворот и подрумските простории – вели Спасе Малески,  чија куќа  беше поплавена при неодамнешните обилни врнежи од снег и дожд.

Градоначалникот уште еднаш ги повика граѓаните чии објекти беа оштетени при поплавите тоа да го пријават , по што стручни комисии ќе направат проценка  за обештетување со финансиски средства  или со неопходни градежни материјали за санирање на штетите.

Бакрачески денес информира и дека општина Охрид ќе оддели финансиска помош за настраданите од поплавите во Република Македонија по што според акциониот план на Црвени крст на Македонија и Црвениот крст од Охрид средствата ќе бидат распределени онаму каде што е најнеопходно. Претседателот на Црвен крст – Охрид, Сашо Точко испрати апел до сите граѓани на Охрид да ги слушаат апелите бидејќи во различни моменти настраданите имаат различни потреби. Тој потенцира да не се носи облека, бидејќи на населението од погодените региони во моментов најпотребно им е вода за пиење и средства за лична хигиена.

OhridNews