Во рамки на работната посета во Израел, градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески се сретна со градоначалниците на градовите Јокнем и Хаифа.

При престојот во Јокнем, Бакрачески заедно со домаќинот, Симон Алфаси направил обиколка на технолошкиот парк при што бил запознаен со стратегијата на градот за привлекување на инвеститори. Во оваа зона со површина од 250 хектари се сместени претставништвата, производствените погони и научно истражувачките центри на најголемите светски компании во ИТ секторот, фармацевтската и индустрија за производство на медицински производи. Бакрачески се интересирал за стратегијата за заштита на човековата околина со оглед на тоа што зоната се гради во рамките на заштитениот биосферн резерват во оваа област. Посетата на Јокнем продолжила во „Biosense Webster“, водечката светска компанија за производство на опрема за дијагноза и третман на срцеви аритмии каде била одржана и презентација на бизнис плановите, растот и развојот на компанијата во последните пет години. 

Во Хаифа, Бакрачески бил гостин на градоначалникот Јона Јахав кој организирал посета на „Технион“. Градоначалникот на Охрид учествувал и на предавање на тема урбанистичко планирање на градот, од професорот Јехуда Калај, декан на Факултетот за архитектура и урбано планирање во Хаифа.

Хаифа е третиот по големина град во Израел, а Висечките градини на Бахаи како едни од најпознатите светски чуда се под заштита на УНЕСКО.

OhridNews