Со посветена и одговорна работа  успеавме да создадеме услови претстојната    летна туристичка сезона  да   ја дочекаме со видно подобрена инфраструктура  и  со зголемени промотивни активности  во  насока  на привлекување  поголем број туристи, рече на денешната прес конференција градоначалникот Никола Бакрачески зборувајќи за досега реализираните, започнати или предвидени проекти. Градоначалникот истакна дека најголемиот број од проектите започнати со поддршка на Светска Банка ќе бидат готови до почетокот  на сезоната.

– Завршено е асфалтирањето на патот од автокампот  „Елешец“ до село Елшани, заврши и првата фаза од асфалтирањето на патот Охрид- Велестово.   До почетокот на летната сезона   ќе биде асфалтирана улицата „Питу Гули“,каде ќе бидат изградени и тротоари од двете страни. Ќе заврши  изградбата  на  кружниот  тек на пресекот од улиците „Туристичка “ и „Бистрица“, до почетокот на  летото  нова  атмосферска канализација ќе добијат улиците  „Мича Гилиќ “ и „Трајче Трајчески“ , „Сатеска“ во населба Воска- Далјан, а атмосферска канализација ќе се поставува и  на  улицата „Ристо Чадо“. По поставување на атмосферската канализација овие улици ќе бидат  комплетно реконструирани и   асфалтирани, со изградба на пешачки зони и  тротоари, рече Бакрачески.

Бакрачески додаде дека наскоро ќе биде изграден  двојниот терен за одбојка и фудбал на песок во месноста Грашница, спортско игралиште во Трпејца, ќе се реконструира  уште еден  дел од кејот во  Пештани. Кај каналот Студенчишта кон некогашниот хотел „Парк“ ќе биде завршена првата фаза од реконструкцијата на пешачката зона и изградбата на туристичката променада, ќе завршат и градежните работи за изградба и реконструкција на плоштадот кај ОМУ „Методи Патчев“. 

Бакрачески потенцира дека освен за подобрување на инфраструктурата, се преземаат и финишираат низа активности за поголема промоција на градот и привлекување поголем број туристи.

– По априлската  промо- тура   што Општината втора година по ред  ја организираше    за  туроператори, туристички агенции, медиуми и туристички списанија двете  најгледани  сателитски турски телевизии објавија репортажи за Охрид.  Репортажи ќе се објават  и во десеттина електронски и печатени списанија,  како и во  Glober- Jetlife едно од најпознатите печатени списанија кое се дистрибуира во авио компанијата „Атлас Глобал“.   Дополнително, Охрид ќе биде промовиран со написи во специјалзирани медиуми за туризам во Хрватска и  Србија  а во Словенија во списанието „Хоризонт“ веќе е  подготвена репортажа за Охрид.  Со тоа  се реализираат заложбите на општина Охрид за туристичка промоција на градот во целиот регион со главен акцент на оваа туристичка сезона, рече градоначалникот.

Во таа насока се и бројните учествувања на туристички саеми и промоции во странски земји. Во финална подготовка е луксузна брошура за Охрид, а се подготвува и монографија за градот.

– Она што претставува посебна гордост на реализираните заложби на општина Охрид за привлекување  странски туристи но и на потенцијални инвеститори е тоа што од 14 јуни годинава од охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ стартува директната авиолинија Охрид-  Лондон а од 1-ви јули Охрид -Базел и обратно.  Авио  компанијата „Wizzair е обврзана во сите свои авиони на сите дестинации  каде летаат , во своите печатени промотивни материјали на две страни  да објавува промотивни содржини за Охрид, рече Бакрачески.

Градоначалникот информира дека со цел подигнување на квалитетот на сервисот и услугите во угостителскиот сектор , на крајот од овој или почетокот од наредниот месец, Општина Охрид ќе спроведе бесплатни обуки за готвачи.  

Бакрачески најави дека по летната сезона ќе следува и изградба на  двоен  кружен тек на пресекот од улиците „Туристичка“и „Македонски  Просветители“, како и останатите од вкупно петте кружни текови кои треба да ги добие Охрид.

OhridNews