Охрид ќе добие ултра модерен спортскo рекреативен центар, во кој ќе има затворен и отворен базен, игралишта за тенис, кошарка и фудбал, вештачки терени со трева и еден лизгачки терен за зимските спортови.


– Направивме увид на состојбата на спортско рекреативниот центар „Билјанини Извори“, ги разгледавме објектите во каква состојба се наоѓаат и површните како и можностите за идниот развој на спортско рекреативниот центар. Како градоначалник на Охрид заедно со мојот тим агресивно ќе се залагаме спортскиот центар да го добие ликот, кој го заслужува и да му служи на граѓаните за спортување. Изминативе години спортското рекреативниот центар беше изложен на тотална деградација и уништување. Не сум експeрт да судам, но според мене има неколку сомнителни легализации, продажба и приватизации кои беа во сопственост на спортско рекреативниот центар. Тоа не можеме да го вратиме назад, но во иднина нема да се работи така со спортското богатство во Охрид и во иднина ќе никне современ спортско рекреативен центар – истакна Бакрачески.


Градоначалникот на Охрид, Д-р Никола Бакрачески му го презентираше нацрт планот на в.д. директорот на Јавното претпријатие, „Билјанини Извори“ Иван Цветкоски и најави дека местото ќе му служи на спортот и спортистите.


– За жал грешките кои се направени во минатото не можеме да ги поправиме сега. Земјата која е приватна сопственост не може да се врати назад. Се додека сум градоначалник на Охрид земјиштето на Јавното претпријатие „Билјанини Извори“ нема да биде злоупотребувано за други намени, освен спортски. Сите ние мора да го чуваме спортскиот рекреативен центар, бидејќи е единствено спортско катче во градот каде што може еден спортист да ги најде сите работи кои му се неопходни – додаде Бакрачески.


Реализација и почнување со работа на ултра модерниот проект, Градоначалникот Бакрачески најави на почетокот од следната година.

– На почетокот од иднината година ќе започне изградбата на затворениот базен. Покрај овие можности на спортскиот рекреативен центар, ние нема да им го свртиме грбот на водените спортови. Со мојот тим планираме посети на сите клубови кои партипицираат на Охридското Езеро – додаде Бакрачески.

Мх.П.