„Невозможно е вакви настани кои ја дестабилизраат државата да не влијаат на одлуката на гостите коишто планирале да дојдат на охридското крајбрежје, било да се тоа странски гости од подалечните земји или од соседството“, изјави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, во врска со можните влијанија на актуелната политичка и безбедносна состојба во Македонија.
-Ние имавме разговори со хотелирите и туристичките агенции коишто имаа најавено аранжмани за Охрид. Има најави дека некој од нив би можеле во наредниот период да ги откажат своите аранжмани и секако дека тоа е нешто на кое што ние треба да сметаме и секако е нешто што треба да го вкалкулираме во нашите проекции за претстојната туристичка сезона. Јас не би сакал да дојде до тоа и се надевам дека безбедносната состојба ќе се подобри и со тоа, она што претставуваше проекција за оваа сезона ќе се оствари и дека Охрид оваа година, доколку дозволи безбедносната состојба, ќе ја има најдобрта туристичка сезона до сега.-рече Бакрачески.
Тој додаде дека показателите од првиот квартал и половината од вториот од годинава се многу добри и влеваат надеж дека Охрид ќе ја има најдобрата сезона со најмало очекувано зголемување на приходите од туризмот за 30 проценти.
Градоначалникот истакна дека општината во делот на промоцијата на туризмот ќе им проактивна улога и ќе се користат сите можности преку саеми и други форми да се промовира Охрид, и дека тоа веќе се прави.
OhridNews