„Нема да коментирам материјали кои што немаат завршено една регуларна судска постапка и експертиза врз основа на кои што може да се каже дека се вистинити односно веродостојни и дека таквите материјали резултирале со некаква бесправна односно незаконита активност“. Ова денеска го изјави градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески како одговор на новинарско прашање поврзано со вчерашната прес конференција на СДСМ во Охрид.

-Снимките прво треба да покажат дека се веродостојни, да се покажат дека се дел од една целина, на еден комплетен разговор и истите да резултираат со незаконити дејствија на терен, за да можеме понатака да ги коментираме. Мислам дека во овој момент не би можел никој да ги коментира и сите оние коментари кои произлегуваат од ваквите разговори се само произволни проценки, рече Бакрачески.

Тој истакна дека општо познат факт е дека во Охрид во 2013 година се случила една од најголемите изборни победи, која била изразена со 8.000 гласови разлика.

-Ова е разлика која според бројот на жители веројатно беше една од најголемите воопшто во историјата на Република Македонија. Во тој дел некои работи се кристално јасни. Јас како кандидат за градоначалник, кој беше вклучен во изборната кампања, можам да ви кажам само какви беа мотивите, каква беше енергијата и барањата на локалното население за промени во Охрид кои беа резултат на владеењето на минатото раководство и беа поврзани со илјадници причини, рече Бакрачески.

Тој објасни дека предметната локација кај Студенчишкото блато за која што било разговарано во дел од презентираните снимки се наоѓа во зона која што е надвор од зоната на строга заштита на блатото дури и со претходниот постоечки Урбанистички план и претходната Физибилити студија која била работена за заштита на блатото и која била донесена во 2012 година.

 

OhridNews