Капитенот на Металург и репрезентативецот на Македонија, Наумче Мојсовски од градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески го прими признанието за амбасадор, презентер и заштитно лице на „Гимназијадата“ која ќе се одржи во Охрид од осми до десетти мај.
– Цело мое искуство и знаење ќе го искористам да ја промовирам што подобро „Гимназијадата“ . Моите први чекори и големата желба за ракомет се јави токму по вакви натпреварувања во основните и средни училишта. На една „Гимназијада“ бев и јас учесник и тоа во Велес каде успеавме да победиме – рече Мојсовски.
Охрид се подготвува на големо и сите спортски работници, волонтери, професори по физичко образование на чело со охридскиот градоначалник најавуваат мини олимписки игри.
– Го одбравме Наумче Мојсовски бидејќи тој е пример за успешен спортист. Со негова помош и секако макотрпна работа ќе ја направиме „Гимназијадата“ да биде гордост на охриѓани – потенцираше Бакрачески.
На „Гимназијадата“ ќе учествуваат повеќе од 1000 ученици од целата земја, а ќе се натпреваруваат во мал и голем фудбал, ракомет, кошарка и одбојка.
Фото : Емил Јовановиќ
Михаил Постоловски