Германскиот гигант Баерн Минхен ја освои титулата во Лигата на Шампиони. Во финалето од завршниот турнир во Лисабон „баварците“ со минимални 1-0 (0-0) го совладаа францускиот дрим тим Пари Сент Жермен.

Творец на победата во финалето која на гермаците му ја донесе шестата титула беше Кингсли Коман. Офанзивецот на вистинско време и место се најде во 59-та минута и ја затресе мрежата на французите.

Финалето изобилуваше со шанси на двете страни. „Баварците“ во главно се закануваа преку Томас Милер и Роберт Левандовски, додека на спротивната страна во нападите предничеа Килијан Мбапе и Нејмар. Голманите Мануел Нојер односно Кејлор Навас со маестрални одбрани не дозволуваа погодок.

Тимот на ПСЖ капитулираше во 59-та минута. Коман со глава ја смести топката позади Навас кој не можеше да стори нешто повеќе. Двете екипи продолжија со отворен фудбал и шансите се редеа на обете страни. ПСЖ прописно се „изнапромаши“, додека „баварците“ не беа толку агресивни во нападите.

Резултатот до истекот на 5-та минута од судиското продолжение не се промени и Баерн Минхен во витрините ја додаде шестата титулата од Лигата на Шампиони. Германците со освојување на титулата во ЛШ ја комплетираа тројната круна, откако триумфираа во националниот шампионат и купот.

OhridNews