Меѓу дванаесетте големи христијански празници Божиќ се празнува најсвечено. На овој ден се празнува раѓањето на Господ Исус Христос, второто лице од Светата Троица.
Евангелските текстови сведочат дека римскиот император Август издал заповед да се изврши попис на населението во Империјата. Секој требало да биде запишан во градот на своите дедовци. Палестина тогаш била во рамки на Римската империја поради што и праведните Јосиф и Света Дева Марија од Назарет тргнале за Витлеем за да се запишат во овој град, зашто и двајцата биле од родот Давидов.
Кога пристигнале во Витлеем за нив немало место во гостилниците и куќите поради тоа што во градот имало многу народ дојден заради пописот. Некои добри луѓе сакајќи да им помогнат ги упатиле во една пештера во близината на градот каде што пастирите во невреме ги засолнувале своите стада. Ноќта силна светлина ја исполнила пештерата, но и околните ридови, потоа Света Дева Марија го родила својот Син првенец, го повила и го ставила во јаслите. Силната светлина ги исплашила и пастирите што со своите стада ноќевале на отворено на околните ридови, но веднаш потоа ангелот Господов ги утешил јавувајќи им ја радосната вест:
“Не бојте се! Еве, ви соопштувам голема радост, која ќе биде за сите луѓе; зашто денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, Кој е Христос Господ“.
Пастирите веднаш отрчале во пештерата каде што ги нашле Марија и Јосифа со Богомладенецот, му се поклониле, а потоа низ градот разгласиле за раѓањето на Спасителот.
Веднаш потоа кај првородениот син на Света Дева Марија пристигнале и тројцата мудреци од исток на коишто за раѓањето на Спасителот им соопштила необичната ѕвезда на небото која ги довела до пештерата движејќи се пред нив кога тие оделе и стоела кога тие одморале.
“И штом влегоа во куќата, го видоа Младенецот со мајка му Марија и паднаа, па му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и измирна” (Матеј 2/11). Овие дарови требало да претскажат дека новороденото дете е во исто време човек (измирната), Бог (ливанот – темјанот) и Цар (златото).
Денот на раѓањето на Исус Христос не бил познат во првите три века, и овој празник не се празнувал. Причина за тоа е христијанскиот поглед на животот, во тие времиња на робовладетелски општества. Во барањето на датумот кога тој да се празнува, Светата Христијанска црква решила тоа да биде денот кога во претхристијанскиот период се празнувал денот на новото сонце или на младото сонце, а тоа бил 25 декември по Грегоријанскиот, односно 7 јануари по Јулијанскиот календар.
Иако има претпоставки дека празникот се празнувал и порано, според некои истражувачи за најрано споменување на овој празник, или за негово востановување се смета календарот на папата Либериј (Либеријански календар) од 354 година кога се празнувал во Рим.
За прв пат Божиќ е празнуван во Цариград, каде што го востановил св. Григориј Богослов.
Обичаи
Обичаите што се изведуваат на Бадник и Божиќ се разликуваат од регион до регион, па дури и од село до село, но она што е заедничко секако се богатата софра, што се подготвува на Бадник навечер, коледарскиот оган и бадниковото дрво, како и коледарските песни.
За Бадник трпезата секогаш е посна, но исклучително богата ( посна сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и сл.) Пред да започнат домашните да вечераат, домаќинот го отворал прозорецот и го поканувал Дедо Боже на вечера со зборовите: “Повели Дедо Боже да вечераме”.
Во некои места софрата се изнесувала во дворот и оттука се упатувала поканата кон Дедо Боже. Обичај е по вечерата софрата да не се крева. Храната останува цела ноќ, а во некои места така останува во текот на трите дена додека се празнува Божиќ. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани.
На Бадник во секоја куќа се меси обредно лепче со пара, познато како кравајче во кое се става сребрена пара. Кога сите ќе седнат на вечера домаќинот откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата го крши кравајчето на толку делови колку што има членови семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел од кравајчето ја бараат парата, и оној што ќе ја најдел парата ја ставал во чаша со вино од која сите пијат за здравје и среќа. На оној што ќе му падне парата се верува дека годината ќе му донесе многу среќа, радост, успех и богатство.
Богати обичаи и верувања на Бадник се поврзани со обредниот оган, како и со горењето на бадниковото дрво. Најчесто се гори пенушка од даб. Таа ноќ, како што запишал Кузман Шапкарев, “сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, та од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: “Бадник – будник”.
На Бадник и Божиќ се изведуваат и повеќе други обичаи, како што се сечењето и горењето на дрвото “Бадник” коледарските огнови и многуте песни што се пеат крај нив. Децата утрото на Бадник ги посетуваат куќите каде што пеат песни, го најавуваат и го честитаат големиот празник “денеска е Коледе, утре е Божиќ” за што добиваат дарови (овошје, бомбони, пари итн.)
Коледе, леде!
паднало греде,
утепало деде.
Дедо се мачи,
баба го квачи,
со четири јајца
гускини, паткини!
О. О. коледе!
Со Божиќ е поврзана и поговорката: “Пред Божиќ зад Божиќ кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божиќ се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата трпеза, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село.
Божиќ, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Собор на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик. Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божиќ, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан. Од Божиќ почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат се до пред Водици, денот кога Исус бил крстен.
Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божиќ до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.