Народниот правобранител и годинава добива поплаки за начинот на одвивање на наставата на почетокот на учебната година. Годинава почна подобро, донесени се протоколи за спроведување на наставата да биде безбедна, но тешко е да се реализираат тие протоколи. Едно е на хартија, друго е во практика, изјави заменик народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа за Утрински Брифинг.
Како главни поплаки што ги добиваат ги издвои долготрајното носење маски, одржувањето хигиена и неможноста да се контролираат децата да внимаваат на протоколите. Учениците, како што додава, се деконцентрирани бидејќи часовите траат предолго за да можат за сето време да ги носат маските.
Тоа предизвикува деконцентрација, а кај помалите ученици родителите имаат проблем да ги натераат да одат на училиште и да следат настава под вакви услови. Оттука, нашата препорака до МОН е да се скратат часовите, како и да им се дозволи на директорите самите да ги организираат часовите онака како што налагаат нивните можности, посочи Бајрамовска-Мистафа.
Народниот правобранител го повикува Министерството за образование и наука да појдат на терен и да проверат како стојат состојбите во помалите места.
Според наши сознанија, ретко каде во малите места се почитуваат протоколите, рече Бајрамовска-Мустафа, додавајќи дека МОН би требало сериозно да ги сфати препораките од Народниот правобранител бидејќи се произлезени од увид на терен и разговори со засегнатите страни.
OhridNews