Селекторот на македонскиот национален тим, Драган Бајиќ, на прес-конференцијата по поразот од Шпанија, посочи на огромната разлика во квалитет меѓу двете репрезентации.
Шпанија победи со убедливи 80:44, а Бајиќ немаше на располагање неколку важни играчи.
Знаевме дека Шпанија е голем фаворит. Немавме многу време за тренинзи и подготовки, ни недостигаа и четири-пет добри кошаркари. Тоа придонесе да се случи она што се случи. Имаше добри моменти од кои мораме да сме задоволни, имавме и лоши моменти кои треба да ги коригираме ако сакаме да напредуваме. Едноставно, мислам дека квалитетот и физичката подготвеност на Шпанците беа пресудни за да се стигне до ваков резултат. Тимот што јас го водам не е на ова ниво на натпреварување како и Шпанија, можеше да се види дека не се снајдовме на една силно агресивна одбрана, рече Бајиќ.
Тој сепак е оптимист околу иднината на македонската кошарка.
Задоволен сум од атмосферата и од тимската хемија што ја имавме. Некои работи што се влечат од минатото и сè уште се присутни, тоа нешто мора да смени за да тргнеме напред. Верувам во овие момци, верувам дека ќе бидеме се подобри и подобри, штом ни се приклучат сите кошаркари кои денеска ги немавме во тимот, додаде Бајиќ.
Македонската репрезентација на 4 јули во Скопје против Украина ќе ги заврши мундо-квалификациите во обид да ја забележи првата победа.
OhridNews