Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека рускиот напад врз Украина бил со предумисла. Тој истакна дека рускиот претседател Владимир Путин ја отфрлил дипломатијата, а Русија започнала напад врз Украина кој не бил испровоциран од ништо.

Бајден посочи дека има флагрантно кршење на меѓународното право.

Со недели предупредувавме дека тоа ќе се случи, а сега работите во голема мера се одвиваат како што предвидовме. „Путин е агресорот. Путин ја избра оваа војна. И сега тој и неговата земја ќе ги сносат последиците“, рече американскиот претседател во обраќањето во Белата куќа.

Во исто време, Бајден најави нови санкции кон Русија, вклучително и нова контрола на извозот, што може да запре половина од увозот на висока технологија во Русија и да ја погоди Москва. Тој додаде дека неговата администрација ќе ја ограничи способноста на Русија да работи во долари, како и во други валути, и да планира санкции против голем број руски банки.

Бајден рече и дека ќе распоредат дополнителни околу 7.000 американски сили во Германија по рускиот напад врз Украина.

НАТО ќе одржи самит на кој ќе се соберат лидерите на 30 сојузнички земји за да ги одредат следните чекори, рече Бајден. Меѓутоа тој нагласи дека американските сили „не одат во Европа за да се борат во Украина“, туку за да ги бранат и поддржат НАТО сојузниците во регионот.

Дозволете ми да кажам уште еднаш: нашите сили не се – и нема – да бидат вклучени во конфликтот со Русија во Украина, потенцираше американскиот претседател.

Тој им рече на новинарите дека „нема планови“ да разговара со Путин. Тој не одговори зошто САД сега не го санкционираат директно Путин. Посочи дека Путин ќе биде „отфрлен на меѓународната сцена“ по инвазијата врз Украина

Санкции и за белоруски државјани

Соединетите Американски Држави денеска воведоа санкции за 24 белоруски поединци и организации „поради поддршката на Белорусија и олеснувањето на инвазијата“ на Украина од страна на Русија.

Денешните мерки се фокусираат на одбранбениот сектор и финансиските институции на Белорусија, две области во кои Белорусија има особено блиски врски со Русија, се вели во соопштението на американското Министерство за финансии. 

Борис Џонсон го претстави пакетот „остри“ санкции против Русија

Британскиот премиер Борис Џонсон го претстави пакетот „остри“ санкции против Русија, насочени кон банки, членовите на потесното опкружување на претседателот Владимир Путин и екстремно богатите Руси со имот во Велика Британија. Западните земји го координираат воведувањето остри санкции против Русија поради инвазијата врз Украина.

Овој одвратен варварски потфат на Владимир Путин мора да заврши неуспешно, изјави британскиот премиер во парламентот за време на презентацијата на новите санкции.

Владата најави дека ќе ги замрзне средствата на некои големи руски банки, вклучувајќи ја и државната ВТБ банка, која е втора по големина во Русија, и ќе оневозможи големите руски компании да собираат капитал во Британија.

Генерално, ќе воведеме замрзнување на имотот на повеќе од 100 нови ентитети и поединци, покрај стотиците што веќе ги објавивме.

Од распадот на Советскиот Сојуз, финансискиот пазар во Лондон е омилена дестинација за руските компании.

Велика Британија, исто така, ќе воведе закон за ограничување на депозитите што руските граѓани можат да ги чуваат на банкарски сметки. Предвидена е и законска забрана за извоз на широк спектар на високотехнолошки производи во Русија.

Британската влада планира да формира нова единица на Националната агенција за криминал, која треба да ги спречи руските олигарси да ги избегнат санкциите.

Руските авиони на Аерофлот нема да можат да слетуваат на британските аеродроми, а ќе бидат воведени санкции за руските пратеници кои гласаа за признавање на сепаратистичките републики во источна Украина.

Канада воведува санкции против 58 физички и правни лица во Русија

Канада ќе воведе санкции против 58 руски физички и правни лица како одговор на руската инвазија на Украина, соопшти вечерва премиерот Џастин Трудо.

Санкциите ќе бидат насочени конкретно кон „членовите на руската елита, големите руски банки и членовите на рускиот Совет за безбедност“, рече Трудо, додавајќи дека сите дозволи за извоз за Русија се суспендирани.

Канадскиот премиер оцени дека руската инвазија на Украина претставува „огромна закана за безбедноста и мирот во светот“.

OhridNews