Под наслов “Охрид Струга, убаво, ама скапо“, угледниот белградски дневен весник „Политика“  деновиве објави сторија за туристичката понуда на Македонија ова лето, која ја пренесува интернет изданието на  реномираниот српски медиум Б92. Во сторијата Македонија се претставува како привлечна но релативно скапа дестинација, во однос на земјите од соседството. „Оhridnews“ во целост ја пренесува репортажата на Б92 за Македонија:

„Туристите веќе доаѓаат во Охрид и Преспа, водечките туристички центри во Македонија, но тоа сеуште не е предзнак за бериќетна туристичка сезона, иако македонските туристички работници ги вршат последните подготовки пред летниот шпиц.

Според она што може да се чуе во туристичките организации и агенции, во македонските туристички центри нема да недостасува неопходниот комфор и забава. Меѓутоа спорни се цените. Во однос на земјите од опкружувањето, македонските цени се повисоки за 30%, што битно ќе се одрази на пополнувањето на расположливите капацитети.
Во дебатите кои се водат последните денови меѓу туристичките работници доминира барањето државата да ги намали даноците на услуги во хотелите и другите угостителски објекти, бидејќи тие влијаат на висината на цената која ја плаќаат корисниците на услуги.


Неодамна во Струга директорот на Агенцијата за развој на туризмот, Зоран Стрезоски, на новинарите им укажа дека инертноста на државните институции не е пречка туристичките работници сезоната да ја дочекаат подготвени и на гостите да им понудат адекватни содржини. Нагласувајќи дека цените во македонските туристички центри, посебно во Охрид, се далеку повисоки од цените кои оваа сезона ги истакнаа туристичките центри во Бугарија, Грција, Албанија и Црна Гора, Стрезоски е оптимист и смета дека Охрид и Струга и натаму ќе бидат најпосетените туристички дестинации во земјата.

А кога се говори за туризмот во Македонија, првенствено се мисли на Охрид, кој одамна е почестен со епитетот бисер на природните убавини и културно-историски споменици под заштита на УНЕСКО. Во тој смисол малку се запоставени Преспанското, Дојранското и Мавровското Езеро, кои ги имаат сите неопходни содржини за удобен одмор, а престојот таму е поевтин во секој поглед.

Сопствениците на туристичките капацитети во сите летни туристички центри и оваа сезона сметаат на гостите од соседните земји, пред се од Србија, кои се најредовни и најбројни, особено на охридската ривиера.

Со намера да се привлечат нови гости, Агенцијата за промоција на туризмот презеде неопходни мерки за презентација на македонскиот туризам. Овие денови во главните градови на балканските земји се истакнати билборди со порака „Македонија таму каде сонцето вечно сјае“, а во медиумите во Љубљана, Тирана, Белград и Софија адекватно ќе се рекламира туристичката понуда.

Рекламни туристички пунктови ќе бидат отворени на сите гранични премини и на двата аеродроми во земјата, со цел привлекување на нови гости, пред се на тие кои транзитираат низ Македонија“.

Извор: “Б92“, „Политика“