Доколку при реализација на одлуката на Владата за спречување на ширењето на Ковид-19, се врши само визуелна проверка на потврдата за извршена имунизација тоа не претставува „обработка на личните податоци“ и следствено, ваквата активност излегува надвор од опсегот на Законот за заштита на личните податоци, соопшти Агенцијата за заштита на лични податоци.
– Ако се врши само визуелна проверка на потврдата за извршена имунизација од вирусот Sars-Cov-2 (без оглед дали е во хартиена форма или се чува на дигитален уред) и притоа не се задржуваат лични податоци при ваквата проверка, тоа не претставува „обработка на личните податоци“ и следствено, ваквата активност излегува надвор од опсегот на Законот за заштита на личните податоци.Со оглед на тоа дека со донесената одлука меѓу другото се забранува влез во секаков објект, вклучително и во угостителски објекти, каде што има повеќе од 30 присутни за настан од секаков вид без поседување и приложување на потврда, доколку се врши проверката на принцип „приложил или не приложил потврда“ таквата активност е надвор од Законот за заштита на личните податоци – наведуваат од Агенцијата за заштита на личните податоци.
Од Агенцијата појаснуваат дека Законот за заштита на лични податоци се применува само во случај кога се врши обработка на личните податоци. Под обработка на лични податоци се смета секоја операција или збир на операции кои се извршуваат врз личните податоци, или група на лични податоци, автоматски или на друг начин, како што се: собирање, евидентирање, организирање, структурирање, чување, приспособување или промена, повлекување, консултирање, увид, употреба, откривање преку пренесување, објавување или на друг начин правење достапни, усогласување или комбинирање, ограничување, бришење или уништување.
ОhridNews