Суданец кој користел лажни идентитети за да ја измами германската држава за речиси 22.000 евра, е осуден на условна затворска казна од една година и девет месеци. Покрај тоа, на овој 25-годишен азилант од Судан му се досудени и 200 часови општествено полезна работа, од страна на окружниот суд во Хановер, откако е утврдено дека користел седум лажни идентитети за да дојде до социјална помош во различни германски општини. Успеал да добие 21.700 евра едноставно регистрирајќи се под различни имиња. Пред судот преку адвокатот рекол дека парите му биле потребни за да им помогне на болните родители во Судан.Пресудата од повеќе од една година вообичаено би била причина за депортација од Германија за младиот маж кому уште не му бил одобрен азилот. Но бидејќи доаѓа од Дарфур, кој е разорен од војната, веројатно депортацијата ќе биде одложена, дури и доколку неговото барање за азил биде одбиено.

Станува збор за првото судење од околу 300 случаи во сојузната германска земја Долна Саксонија во кои најчесто судански азиланти се обвинети за мамење на државата со користење на лажни идентитети.

На почетокот од февруари Државното обвинителство во Брауншвајг покрена истрага против службеници на Покраинското биро за прифаќање бегалци на покраината на Долна Саксонија (ЛАБ) поради тоа што се обиделе да забошотат преку 300 случаи на измама од страна на подносителите на барања за азил во Германија. Повеќето случаи се во врска со измамите на бегалци од Судан кои во Германија пристигнале со бегалскиот бран во летото 2015 година, на почетокот од јануари 2017 година изјави претседателот на комисијата во градот Брауншвајг, Јоерн Меменга. Тој штетата ја проценува на неколку милиони евра. Според него, постоеле сознанија дека бегалците неколкупати се регистрирале на различни места за повеќепати да добиваат социјална помош. Повеќето од нив се пријавувале со две или три различни имиња и презимиња, опишувајќи ги методите со кои се служеле. Понекогаш едноставно ќе пуштеле брада, ставале очила, ќе ја истрижеле косата.

Се сметаше дека за тоа не се виновни преоптоварените социјални работници кои во периодот на кулминацијата на бегалската криза регистрирале и до две илјади луѓе дневно. Секое лице ги измамило властите во просек за неколку илјади евра, а во еден случај исто лице користело дванаесет различни идентитети и така се стекнало со 45.000 евра.

Брауншвајг е град со 250.000 жители во сојузната покраина Долна Саксонија. Скандалот беше откриен откако службеничка на бирото за прифаќање и регистрација на бегалците (ЛАБ) уште на почетокот од 2016 година открила над 300 случаи во кои подносителите на барање за азил користејќи се со лажни идентитети незаконски добивале парична помош за подносители на барање за азил. Откако тие случаи ги пријавила на управата на ЛАБ, тие, како што тврди, ѝ наложиле да ја забошоти целата ситуација, но таа случаите на измами ги пријавила во полицијата. На службеничката којашто била вработена на одредено време и тоа во текот на најголемиот бегалски бран. во мај не ѝ бил продолжен договорот „породи непримерно однесување“, односно затоа што ги испратила документите во полицијата „на своја рака и без дозвола на претпоставените“.Челниците на ЛАБ потврдија дека сите пријавени случаи за користење двојни идентитети се однесувале на подносителите на барање за азил од Судан па директорот заклучил „дека не би било исправно да се свртува кон една етничка група“. Исто така, тврди дека доказниот материјал наводно „не бил доволно силен“.
Службеничката, којашто работела на шалтерот на кој на новодојдените бегалци им се делеле потврди со коишто можеле да подигнат храна, облека и пари, забележала дека повеќе мажи се појавуваат секогаш со нов идентитет. Во првиот бегалски бран на бегалците не им биле земани отпечатоци од прстите, а повеќето не пријавиле никакви лични документи.

„Постои сомневања дека ЛАБ намерно ги криел случаите на незаконско примање социјална помош на основа на лажен идентитет“, соопшти обвинителството на Брауншвајг.
Министерот за внатрешни работи на Долна Саксонија, Борис Писториус, изрази жалење поради тоа што на службеничката не ѝ бил продолжен договорот, но рече дека во ЛАБ „и вака и онака“ имале намера да ги испратат документите во полицијата. „Тоа се нормални постапки, ние до крајот на минатата година знаевме за овие случаи“, рече Писториус. Но демохристијанската опозиција во Долна Саксонија бара формирање истражна комисија којашто би ја утврдила вистинската заднината на овој случај со забошотување на измамите. Конечната сума за којашто оваа сојузна држава е оштетена со измамите не е познат досега.

Германија минатата 2016 година бегалците ја чинеле 22 милијарди евра, соопшти мината седмица министерството за финансии.

OhridNews
извор Макфакс