Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески и претседателот на Советот за унапредување на индустриското производство и за извоз при Комората, Виктор Мизо се во дводневна бизнис посета во Германија, информираат од Стопанската комора на Северна Макеоднија.
Во седиштето на Асоцијацијата на германски стопански и индустриски комори (ДИХК), Азески и Мизо денес ќе имаат средба со раководството на ДИХК. Во текот на денот ќе се реализираат средби и со постојните германски инвеститори во Македонија за продлабочување на соработката, а ќе остварат контакти и со нови потенцијални инвеститори, велат во соопштението.
ДИХК, која е формирана пред 150 години, во 1872 година, претставува централна организација која обединува 79 локални стопански и индустриски комори (Industrie- und Handelskammern, IHKs) низ цела Германија. Седиштето е во Берлин, од каде што успешно координира мрежа на повеќе од 140 стопански комори, делегации и претставништва на германското стопанство во 92 земји во светот.
Синоќа, на маргините на Самитот на ЕУ и Западен Балкан, Азески и Мизо организираа вечера со раководството на КОСТАЛ (светски лидер во производство на мехатроника и на енергетска електроника за премиум автомобилски брендови со 20.000 вработени и со годишен обрт од три милијарди евра). На вечерата присуствуваше и делегација од Владата на РСМ, предводена од премиерот Димитар Ковачевски.
На средбата се разговараше за состојбите во постојната инвестиција на КОСТАЛ во Охрид од околу сто милиони евра и за идните планови за проширување и за диверзификација на активностите во Македонија, додаваат во соопштението од СКСМ.
OhridNews