Неизвесноста околу иднината на Еден Азард продолжува иако сезоната во Премиер лигата заврши. Белгиецот после мечот со Лестер изјави дека тој донел одлука, а на потег е Челси, кој веројатно ќе го има последниот збор.

  • Јас ја донесов одлуката за мојата иднина, но не е само до мене. Сакав се` да биде расчистено порано во текот на сезоната, но не се случи тоа. Јас чекам и навивачите исто така.  Пласманот во ЛШ на Челси нема да ја смени мојата одлука. Јас одлучив и то е то, но и понатаму чекам. Кога сте на теренот секогаш се фокусирате да бидете најдобар. Јас се држев цело време до таа теза и секогаш сакав да победам на секој натпревар. – изјави Азард.

Азард има уште една година од важечки договор со Челси, а преговорите за нов договор за сега не вродија со плод. За услугите на Азард заинтересиран е Реал Мадрид, кој е подготвен да плати точно 100 милиони евра.

Репрезентативецот на Белгија на Стемфорд Бриџ се пресели во 2012 година од Лил, каде што ја освои титулата во францускиот шампионат. Со Азард во составот Челси два пати триумфираше во Премиер лигата, во ФА Купот и Лигата на Европа.

OhridNews