Црква Св. Софија

Од 05.05.2023 - 20:00 до 05.05.2023 - 21:30

По повод Денот на Македонската книжевност во петок од 20 часот во црквата „Света Софија“ авторски концерт на уметничка вокално-инструментална музика ќе одржи Љупчо Коскаров заедно со Марина Јаневска – сопран, Илија Белистојаноски – тенор, Иван Трајковски – виолина, Филип Михајловски – канон и Дарко Мариновски – пијано.

Концертот е во организација на Фестивалот „Охридско лето“, како дел од воспоставената практика да одржува концерти надвор од традиционалната фестивалска рамка, од 12 јули до 20 август.

Концертите кои ги реализиравме изминатиов период се само доказ дека градот, нашата верна публика, има потреба преку цела година од културни настани кои, пред сѐ, се издвојуваат со квалитет. Продолжуваме и во иднина по патот кој го прави Фестивалот поатрактивен и попривлечен за уметници и за љубителите на уметноста, вели директорката на „Охридско лето“, Наташа Поповиќ.

Програмата за концертот е составена од македонска уметничка музика, инспирирана и посветена на таткото на авторот Блажо Коскаров – познат кларинетист од Кавадарци кој оставил силни пораки и чувства за музичкото наследство врз својот син и идните музички таленти. Музиката е компонирана во период од пет години, снимена е аудио, сѐ со цел да не се заборават традиционалните музички теми кои што живееле 200 години наназад низ историјата.

Овие оригинални композиции претставуваат заштита на македонската музичка литература и се вбројуваат во вечноста на светската музичка литература, вели Коскаров.

Љупчо Коскаров спаѓа во редот на најистакнатите македонски уметници од областа на музичката уметност. Дваесет години е член на Македонската филхармонија како прв трубач и солист во оркестарот. Соработувал со голем број на диригенти, пијанисти и други инструменталисти. Остварил голем број на концерти како солист, со камерен ансамбл и во камерни дувачки состави.

Учествувал на најпрестижните натпревари и се усовршувал на семинари и мастер класови во Минхен-Германија кај Р.Гетлер, во Париз-Франција кај М.Андре, Абердин-Англија кај Џ.Дикенсон. Учествувал на сите големи натпревари во Љубљана, Загреб, Белград и Скопје и освоил две први сојузни награди во Љубљана и Скопје.

Коскаров студирал во Љубљана, магистрирал во Софија, а во 2010 година докторира на тема „Образованието по труба во Р.Македонија“. Работи како редовен професор на Интернационалниот Универзитет „Еуропа Прима“ и е декан на Факултетот за музика.

OhridNews