Автори на ПНВ Публикации летово ќе бидат претставени во Охрид, во рамки на манифестациите „Летни уметнички ноќи на улица Самоилова – ЛУНУС“ и 31-та ПОЕТСКА НОЌ ВО ВЕЛЕСТОВО.
Претставувањето започна во јули со стихозбирката „Директни обраќања“ од Марина Икономова Шокева и романот „Втор откос“ од Дејан Величковски, а продолжува во сабота, на 10-ти август, со промоции на уште неколку автори од оваа издавачка куќа од Скопје.
Вечерва од 20.30 часот, ќе биде претставена младата поетеса Викторија Ангеловска и нејзината стихозбирка „Станица 15“, што неодамна излезе од печат. За книгата ќе зборува Јулијана Величковска.
Утре вечер, 11-ти август, во истото време и на истото место, во „Култура 365“ ќе се претстави творештвото на Тамара Јолевска Попов. За нејзината најнова збирка раскази „Скопје, ти раскинуем“ ќе зборува Марина Икономова Шокева, а вечерта со свој настап ќе ја збогати и саксофонистот Христијан Ристески.
Во среда, на 14-ти август, љубителите на пишаниот збор ќе имаат можност да се запознаат со првата и единствена книга хаи[на]ку, превртено хаи[на]ку и хаи[на]га од Дијана Петкова под наслов „Растајнување на светлината“, издание облагородено со прекрасните акварели на академскиот сликар Тони Шулајковски.
Во четврток на 15-ти август ќе биде претставен охридскиот хаику мајстор Пере Ристески со делата „Шафран“, „Знаци на ветрот“ и „Стрмец во хаику скротен“. Творештвото на Пере Ристески ќе го претстави проф. д-р Димитар Пандев.
Потоа, следуваат настаните во рамки на 31-та Поетска ноќ во Велестово.
На 17-ти август во 12.00 часот, ќе се одржи настанот „Поезија напладне“ во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, посветена на творештвото на Поли Муканова од Бугарија, со која разговорот за нејзината последна книга на македонски „Школките имаат два дела“, како и за нејзините идни проекти поврзани со Македонија, ќе го води Зоран Јакимоски, кој воедно е и преведувач на нејзините книги на македонски јазик. Во рамките на ова претставување ќе бидат интерпретирани неколку песни од бугарскиот поет Владимир Левчев, од неговата стихозбирка „Љубов на плоштадот“, преведена од Славе Ѓорѓо Димоски, издание на ПНВ Публикации.
Вечерта, на 17-ти август од 19.30 часот во Кафе бар „Шила“ во Охрид ќе биде промовирана стихозбирката „Жалба до Музата“ / “A Complaint to The Muse” од Џери Марфи, поет од Ирска. Изборот и препевот се на Јулијана Величковска, а промотор ќе биде проф. д-р Димитар Пандев. Стиховите на македонски ќе ги интерпретира актерот Јован Цветкоски.
На 19-ти август, на улица „Самоилова“ и во рамки на „ЛУНУС“ со почеток од 20.30 часот ќе биде претставен романот „Годишни времиња“ од Јулијана Величковска, а за делото ќе говори Мерсиха Исмајлоска.
На 20-ти август во истото време ќе биде претставена најновата стихозбирка на Наташа Сарџоска ̶ „Крстна коска“. Промотор ќе биде проф. д-р Димитар Пандев, а оваа книга својата скопска промоција ќе ја има на 5-ти септември во Младинскиот културен центар.
За крај на овие летни промоции во Охрид, ќе биде претставен авторот на научнофантастичните романи „Сага за Тројство“ и најновиот ̶„Последна граница: Истапени сечила“, од ресенчанецот Зоран Милошевски. Настанот ќе се одржи на 24-ти август во „Култура 365“ во рамки на „ЛУНУС“.
Од ПНВ Публикации се надеваат дека ваквото претставување на македонските автори надвор од главниот град, ќе придонесе кон процесот на културна децентрализација. Воедно ќе ја збогати културната понуда во Охрид со уште книжевни настани, а дека охридската публика ќе ги удостои со своето присуство и интерес кон овие наши извондердни автори и дела. Во оваа прилика ќе напоменеме и дека книгите ќе се продаваат по саемски цени.
OhridNews